Што кажа Филе за слободата на медиумите во Македонија?

Ако некој сака да види каква е состојбата со демократијата во некоја земја, тогаш треба да ги види медиумите. Освен со земјите-кандидати, за прашањето со состојбата на медиумите постојано се разговара и со змејите-членки на Унијата. По ова прашање нема двојни стандарди.

Ова го изјави денеска во Брисел еврокомесарот за проширување Штефан Филе на отворањето на конференцијата “Спик-Ап“ посветена на медиумските слободи во земјите од Западен Балкан и Турција со акцент на темата „Напредок и отворени прашања“, на коа учествуваат над 450 новинари, медиумски работници, експерти од оваа област, регионални и национални здруженија.

- Главното прашање е дали европските закони во оваа област се доволно силни и дали постои доволно силен мониторинг систем кај земјите-членки на ЕУ во согласност со највисоки стандарди во оваа област и да исполнат критериуми кои ЕК ги бара од кандидатите за членство. Нашиот фокус за политичка поддршка со цел слобода на медиуми е приоритет во однос на приклучувањето на земјите на Унијата. Финансиска и техничка помош за поддршка на слободата на изразување и медиумите е изразена, а по отворањето на преговори за членство со некоја змеја, сега прво се отвораат поглавјате 23 и 24 во однос на слободата на изразувањето и владеењето на правото, посочи Филе.

Посочувајќи неколку случаи во Србија и Црна Гора со насилство врз новинари, комесарот за проширување истакна дека сторителите на такви насилства против новинарите не смее да минат неказнето. Филе, воедно, го поздрави и усвојувањето на Законот за декриминализација на клеветата, но додаде дека мора да се обезбеди политичко и финансиски независно функционирање на јавните сервиси.

- Нема самостојно регулирање на медиумите на Западен Балкан и затоа ЕК и меѓународните донатори треба да промовираат новинарски совети кои ќе работат на професионалнате етика и однесувањето на новинарите, но за жал медиумската заедница во овие земји е поларизирана, посочи Филе. 

Вицепремиерот задолжен за евроинтеграциите Фатмир Бесими, во неговото обраќање подвлече дека посветеноста на земјите од процесот за проширување да го гарантираат правото на слобода на изразување е клучна за нивниот напредок во процесот на пристапување.

Во тој контекст, Бесими го подвлече како особено значајно донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и подготовката на Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги која е во тек - процеси, вели, кои се одвиваат на транспарентен и инклузивен начин, преку дијалог со претставниците на медиумите и со нивен активен придонес во подготовката на законските решенија.

- Се работи за пат, а не за дестинација на која може да се каже дека сме стигнале до крајот и дека е постигнато највисоко ниво на слобода на изразување. Македонија во врска со ова има постигнато напредок, а Владата мора да се справи со одредени предизвици и да работи заедно со Здружението на новинари во земјата, рече Бесими. 

Според него, потребно е партнерство со сите заинтересирани страни, со ЗНМ со цел да се допре до крајниот корисник.

- Тоа не се ниту Владата, ниту новинарите, туку граѓаните на Македонија кои имат потреба од вистински и точни информации. Владата работи на создавање правна рамка за да обезбеди гарантирање на слободате на изразување и обезбедување на солидна саморегулаторна рамка за новинарите со која ќе се обезбеди на квалитетен начин и слобода за изразување, рече Бесими.

Претседателката на Независниот синдикат на новинарите од Македонија, Тамара Чаушидис,  новиот нацрт закон за медиуми го окарактеризира како „монструозен“ и ги посочи листите на организациите „Репортери без граници“ и “Фридом Хаус“ на кои Македонија назадуваше годинава. Според неа, медиумската состојба во земјата е полоша во однос на сите други балкански земји, и е во иста група со Турција.

- Во државата од страна на властите овие податоци се толкуваат како обид на меѓународната заедница да ја дисциплинира Владата за да го смени името и да ја прикрие главната причини за заостанување на Македонија на патот кон Европската унија. Да бидам искрена, ако се говори за администрацијата на ЕУ, се чини нивото на критика од Европската комисија за состојбата со медиумите во Македонија се разликува зависно дали Комисијата има чувство дека земјата е подготвена за компромис за проблемот со Грција или не. На тој начин, интегритетот на оваа професија е заложник на политичките игри за спорот со името, посочи Чаушидис.

Таа побара од Европската унија да се концентрира како да и помогне на Македонија, посочувајќи дека држењето на земјата далеку од интегративните процеси и користењето на медиумите за притисок за прашањето за името прави алиби за оние кои според неа „велат дека прашање за слобода на медиумите не постои“.

Пред еврокомесарот за проширување, исто така говореше и поранешниот претседателот на Европскиот парламент Јержи Бузек и претставничката на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ кои укажаа на лошата состојба на медиумите и побараа да се вложат напори за нивно подобрување.

Конференцијата продолжува во текот на денот со настапи на говорници од сите земји од Западен Балкан и од Турција, по што вечерта се очекува да биде усвоен заклучок, кој ќе го претстави комесарот Штефан Филе.

Конференција за состојбата на медиумите на Западниот Балкан и во Турција во Европската комисија се одржува втор пат по 2011 година, а ја организира еврокомесарот Штефан Филе. 

најчитано сега