Министерството за одбрана и УЈИЕ договорија соработка
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, Замир Дика и министерот за одбрана Талат Џафери денеска потпишаа договор за соработка.
Според Дика на овој начин Министерството покажува подготвеност да му излезе во пресрет на Универзитетот при создавањето на кадри од разни области што се блиски со безбедносната сфера.
-Со овој договор се отвора можност нашите студенти дел од практичната настава да ја спроведат и во Министерството за одбрана што ќе има големо значење за нивните кариери. Истовремено на овој начин и на капацитетите и експертизата на Универзитетот им се дава можност да придонесат во подобрување на системот за безбедност на државата и заеднички да ги менаџираме ваквите процеси, изјави Дика.
За министерот Џафери денешното потпишување на договорот за соработка со УЈИЕ е дел од низата на слични договори што Министерството ги потпишало со повеќе високообразовни јавни и приватни институции.
-На овој начин се заокружува правната рамка за УЈИЕ и Министерството да можат да соработуваат во низа проекти од сферата на безбедноста, како и за студентите кои стекнатото знаење на универзитетот може да го практикуваат кај нас. Ова се поклопува и со нашиот веќе распишан јавен оглас за можноста за изведување на практична настава за студентите во рамките на Министерството. Сакаме на овој начин да го смениме постојното видување на јавноста за Министерството и Армијата како институции со ексклузивно право за одбрана. Ние сакаме да покажеме дека на сите граѓани им припаѓа тоа право. Научниот и техничкиот напредок веќе има примена во безбедносните системи во повеќе земји и ние сакаме на овој начин тоа да стане пракса и кај нас, рече министерот Џафери.
Според Џафери на заинтересираните студенти од областите поврзани со безбедноста во процесот на нивното дооформување на располагање ќе им бидат сите капацитети, како и можноста за работа на терен. Џафери потенцираше дека во рамките на Министерството има и сопствено научно издание што во печатена форма излегува на англиски јазик, а во електронска и на македонски и албански, како уште една можност за објавување на разни научни трудови на сите заинтересирани.