Богов: Реформите да продолжат во насока на конкурентноста

 

Според последниот извештај на ММФ за Западен Балкан, Македонија добро стои, особено кај структурните реформи, но една од препораките е да се намали невработеноста и да се задржи стабилната макроекономска политика.

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов вели дека резултатите се одлични, но земјите од Западен Балкан ги чека уште многу работа. Главни предизвици остануваат намалување на невработеноста и одржлив раст на економијата.

-Тој пат треба да се продолжи, претстои многу работа, гледаме и од она што се случува во Европската унија, дека дури и по влезот во Унијата продолжува работата на структурните реформи се со цел да се подобри конкурентноста, бидејќи структурните реформи се процес кој никогаш не запира, така што и во извештајот на ММФ за Западниот Балкан беше констатирано дека е направена онаа прва генерација на реформи, меѓутоа она што претстои е продолжување на рефрмите во насока на конкурентноста. Акцентот беше ставен не само за Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан, за подобрување на условите на пазарот на труд, во смисла на подобрување на квалитетот и квалификациите на оние коишто бараат работа. И формалното и неформалното образование треба да биде во фокусот, исто така повеќе вложувања во иновации, во се она што значи креирање на нови работни места со повисока продуктивност и поквалификувана работна сила, изјави гувернерот Богов за МРТ.

Во извештајот на ММФ „Западен Балкан: 15 години транзиција“ се наведува дека Македонија предничи во структурните реформи во регионот.

Исто така Македонија и Србија се наведуваат како земји кои добиле најмногу од отварањето на економиите, односно дека имаат значително подобрување на структурата на извозот со производи со повисока додадена вредност. За странските директни инвестиции се наведува дека ќе бидат генератор на нови работни места, што ќе го реши едно од најгорливите прашања -невработеноста.

 

 

Оцени ја веста

11.03.2015 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега