Невработеноста се намалува, економијата на вистинскиот пат
Одржлив економски раст и понатамошно намалување на невработеноста – ова се двата главни приоритети за Македонија. Структурните реформи и политиката за привлекување странски директни инвестиции даваат резултат. Се отвораат нови работни места, стапката на невработеност трпи надолни корекции и сега е на историски најниско ниво. Тоа го нотираше и ММФ. Според монетарците, македонската економија расте побрзо од другите економии во регионов, невработеноста се намалува, реагирано е мудро за време на кризата, анализира Лидер.мк.
„Македонската економија растеше побрзо во однос на другите економии од регионот. Сепак, остануваат предизвиците за позначителен раст кој ќе биде движен од приватниот сектор, како и одржувањето на макроекономската стабилност.
Македонија има историја на добри макроекономски политики, го искористи фискалниот простор за стимулирање на растот за време на кризата“ – вели шефицата на Фондот за Македонија, Ивана Владкова Холар.
Меѓународниот монетарен фонд во својот последен извештај напиша дека не чека уште многу работа, но и дека е многу направено.
„За Македонија беше потенцирано дека има повисоки стапки на раст во однос на другите земји во регионот, дека има намалување на невработеноста, особено кај младите луѓе, се разбира во рамките на овие околности. Тоа е показател дека политиките за подобрување на конкурентноста на економијата, за подобрување на бизнис – климата и на условите за водење бизнис, инвестициите во образованието и во инфраструктурата се вистинскиот начин за справување со предизвиците на денешницата“ – вели вицепремиерот Ставрески.
Странските инвеститори креираат работни места
Странските инвеститори отвораат нови работни места. Податоците покажуваат дека од 2006-та година во земјава се влезени 2,4 милијарди евра СДИ, отворени се повеќе од 11 илјади работни места. Активни се компании и во и надвор од зоните. На Бунарџик работа Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Текнохозе, Продис, Кемет електроникс, Ван Хул, се гради капацитетот на Дијатек. Џонсон Контролс работи и во Штип, Дрекселмајер во Кавадарци, Кромберг и Шуберт во Битола, Стилкон во кумановско, Амфенол во Кочани, Гришко во Демир Хисар, Маркдард финишира со изградбата на капацитетот во Велес, КСС е во Кичево, ОДВ Електрик во Охрид, ВЕИБО се реши за Ранковце. Инвестициите се дисперзирани низ целата територија на земјава. Со ова, според економистите, се поттикнува локалниот економски развој.
„Дисперзијата на странските инвестиции на територијата на Македонија ќе овозможи забрзување на економската активност, бидејќи секоја инвестиција отвора нови работни места, ангажира луѓе кои добиваат плата, тие потоа платата ја трошат, со што се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Инвестициите поттикнуваат раст и развој“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Уште една компанија, Костал, во Охрид отвора 1.000 работни места. Амфенол веќе донесе одлука во земјава да лоцира шест дивизии, еден голем дел од производството, што ќе донесе работа за 2.500 луѓе. Компанијата има во план годинава да ја заврши со плус 500 вработени. Капкон вложува во Бунарџик 18 милиони долари и отвора 400 работни места, а Гентерм се позиционира во Прилеп. Новата фабрика е предвидено да биде готова во октомври.
„Се работи за инвестиција од 20 милиони евра. Во првата фаза ќе се отворат 1.000 работни места, а предвидено е бројот на вработени двојно да се зголеми“ – вели советникот за странски инвестиции Алек Никовски.
„Сакаме новиот производствен капацитет да биде готов до октомври. Немаме многу време, но сметаме дека со поддршката од Владата ќе можеме да ја постигнеме оваа цел“ – вели директорот на компанијата за Европа, Јорг Еверс.
Младите во фокусот на активните мерки!
Намалувањето на невработеноста меѓу младите е главен приоритет за земјава. Тоа го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика. Стапката на невработеност кај младите луѓе, на возраст од 15 до 24 години, изнесува 52%. Затоа, новиот оперативен план за 2015-та и активните мерки за вработување се насочени токму кон оваа категорија граѓани.
„Очекуваме со новиот оперативен план годинава директно да се вработат 8.200 невработени лица и тоа: 3.200 луѓе преку активните мерки за вработување и 5.000 млади луѓе до 29 години со мерката за ослободување од плаќање придонеси за време на една година за приватните компании“ – вели вицепремиерот Пешевски.
60 милиони денари им се ставени на располагање на младите луѓе до 29 години за да почнат сопствен бизнис. Паралелно, ќе се стимилураат домашните компании да вработат млади луѓе.
„Планирано е да се опфатат 8.760 млади луѓе, а да се постигнат вкупно 6.200 вработувањa на млади до 29 години. Од нив, 5.000 преку мерката за ослободување од плаќање придонеси за 12 месеци за приватни компании, а 1.200 преку другите мерки“ – вели министерот за труд и социјала, Диме Спасов.
Има невработени, нема стручен кадар
Дополнителен проблем и ограничувачки фактор за дополнително намалување на невработеноста е јазот меѓу понудата и побарувачката на работна сила. Бизнис – секторот во повеќе наврати порачуваше дека недостасуваат квалификувани работници, а тоа го потврдуваат и податоците на Агенцијата за вработување. Во време кога без работа се 26 доктори на науки, 984 магистри, речиси 16.000 факултетлии, најбарани занимања на пазарот се: продавач, келнер, шивач, готвач, магационер, бравар… Ова покажува дека ние имаме системски проблем, за чие решавање е потребен подолг временски период.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа