Мароко и Македонија отворени порти за бизнис соработка
Во Дакла, Кралството Мароко, на маргините на форумот Кран Монтана, на иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, беа презентирани и инвестициските можности што ги нуди Република Македонија, јавни известувачот на МИА.
Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и бизнис делегацијата од Македонија, во чиј состав се претставници на десетина компании, членови на Стопанската комора на Македонија, на Сојузот на стопански комори и на Стопанската комора на северозападна Македонија, имаа средба со претставници на марокански стопански комори и бизнисмени, на која беше истакната отвореноста на Македонија, но и на Мароко за влез на нови странски инвестиции.
Она што им го презентирале на мароканските стопанственици, како што рече министерот Павлески, било примено со голема заинтересираност, што за кратко време ќе резултира со потпишување меморандум за соработка меѓу македонските стопански комори и стопанските комори во Мароко, кој ќе претставува прв чекор за да се продлабочи соработката меѓу мароканските и македонските компании.
Министерот Павлески посочи на фактот дека Мароко има блиска релација со Франција и Шпанија и оти тој дел на Европа добро го покриваат, меѓутоа оној дел каде не се добро котирани, како Источна Европа, тоа може да го сторат преку Македонија.
- Не само марокански компании да инвестираат во Македонија туку тоа можат да го сторат и други кои инвестирале во Северна Африка затоа што во многу погледи Македонија нуди многу поповолни бизнис услови и поповолно покритие на европските пазари, истака Павлески по средбата.
Тој им порача на македонските бизнисмени да го искористат Мароко како порта за влез на африканскиот пазар. - Мароко претставува влезна врата спрема целиот пазар во Африка, но и влезна врата кон пазарот во Европа. Македонските бизнисмени треба да го искористат Мароко како влез на африканскиот пазар, оти, сепак, е доста добро етаблиран на овој континент, но и поврзан со други земји во Европа и на некој начин претставува врска меѓу Европа и африканскиот континент, истакна министерот Павлески.
Сашо Огненовски од Сојузот на стопански комори на Македонија исто така со став дека Мароко е добра врата за македонските бизнис релации да можат да се прошират на африканскиот континент. - Разговаравме и за обратната ситуација, како може мароканското стопанство од африканските земји да се префрли на европските пазари, рече Огненовски, додавајќи дека Македонија ја претставиле како добро геостратешки позиционирана пред се кон источна Европа, со што на мароканските инвеститори би им се овозможил настап на тие пазари.
Во однос на меморандумот за соработка што треба да го потпишат стопанските комори на Македонија и Мароко, Огненовски рече дека првиот чекор на меморандумот ќе биде создавање погодна бизнис платформа, што подразбира регулација на двојното оданочување, намалување даноци и слични поволности што би овозможиле бизнисмените полесно да функционираат.
Тој ги повика и другите македонски бизнисмени да се придружат, како што рече, во напорите да го прошириме нашето дејство и бизнис влијание на овој континент.
Набила Фрејџи од Федерацијата на стопански комори на Мароко смета дека бизнис релациите меѓу двете земји треба да се развиваат и промовираат и да се подигнат на повисоко ниво. – Тоа се прашања што ги засегаат бизнисмените од двете бизнис асоцијации. Ние, секако, сме заинтересирани за соработка во приватниот сектор, што може да се реализира преку бизнис коморите. Ова може да биде првиот чекор кон повисока соработка, рече Фрејџи по средбата со своите колеги од Македонија.
Дека се создадени услови за динамизирање на економската соработка меѓу двете земји потврдија и претседателот Иванов и премиерот на Мароко, Абделилах Бенкиран, за време на нивната заедничка средба на маргините на Форумот. Притоа како клучен предуслов за поинтензивна економска соработка посочија на неопходноста од директни контакти меѓу бизнис асоцијациите и бизнисмените на двете земји.
Претседателот Иванов истакна дека токму поради тоа ја искористи оваа посета на Мароко и во македонската делегација се присутни бизнисмени од десет компании и трите стопански комори на Македонија.
Премиерот Бенкиран истакна дека Мароко е подготвено и отворено за размена на инвестиции и за зголемување на трговската размена и особено за искуствата на Република Македонија во сферата на привлекување странски инвестиции, реформите во земјоделството и употребата на информатичките технологии.
Претседателот Ѓорге Иванов за отвореноста на македонската економија за странските инвеститори се осврна и во обраќањето на официјалната сесија на отворањето на Форумот на тема „Неопходност од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување сигурни индустриски и финансиски партнери“, каде што истакна дека со напорни реформи, во услови на глобална економска криза, успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа