Економијата на здрави нозе, невработеноста се намалува - ќе продолжи растот!
Растот на бруто домашниот производ од 3,8% во 2014-та, кој воедно е и еден од највисоките во Европа, е охрабрувачки сигнал за стопанството, сметаат експертите. Економијата бележи стабилен и континуиран раст, индустријата стои цврсто на здрави нозе. Невработеноста се намалува, пишува Лидер.
За економските аналитичари, минатогодишниот раст на економијата практично е резултат на зголемениот број странски инвестиции, но истовремено и вложувања на домашните компании, зголемувањето на извозот, како и растот на личната потрошувачка. Континуиран раст на економијата, познавачите очекуваат и годинава.
„Годинава ќе има засилено темпо на странските инвестиции. Беа најавена над 25 компании кои ќе инвестираат, потоа засилено искористување на планираните капитални инвестиции од централниот буџет, кои водат кон засилена градежна активност која што е локомотива на економијата“, смета професорот Томе Неновски.
„Проекциите за годинава се дека ќе имаме поголем раст на бруто- домашниот производ во 2015-та од минатогодишниот. Очекуваме економски раст од 4 проценти. Тоа би било доста успешно“, прогнозира извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Индустријата и капиталните инвестиции- локомотива на економијата
Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година бруто инвестициите пораснале за 13,5%. Извозот достигна раст од 17%, додека увозот пораснал 14,5%. Меѓу секторите кои бележат најголем раст се преработувачката индустрија, со 10%, градежништвото со раст од 6,1%, како и финансискиот сектор со раст од 4,7%.
Во континуитет 16 месеци имаме раст на индустриското производство. Тоа е дополнителен сигнал дека во иднина токму компаниите од индустријата ќе придонесат за дополнително поттикнување на растот на економијата, како и на вработеноста во Македонија, сметаат експертите.
-Со оглед на тоа што се најавуваат нови фабрики да влезат во земјава, нови капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, изградба на коридори, железницата, се очекува и понатамошен раст, како и отворање на нови работни места, смета бизнисменот Сеад Кочан.
Според податоците на Статистика, стапката на невработеност минатата година се спушти на историски најниското ниво од 27,6%. Според прогнозите на владата, за три години невработеноста се очекува да се намали на 22%.
Надлежните очекуваат позитивниот тренд за раст на економијата да продолжи и во идниот период, паралелно со растот на инвестициската активност. Од друга страна, пак, економистите очекуваат релоцирање на капиталот, особено странскиот, и тоа во помалите општини, со цел да се постигне рамномерен економски развој.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа