Нови 100 работни места - отворена новата фабрика „Актива аутомотив“ во Штип

 

Сто нови работни места се отворени во новата фабрика „Актива аутомотив“ во индустриската зона во Штип, која беше пуштена во употреба денеска. Планираната изградба на нови погони, според најавите, треба да овозможи дополнителни 200 вработувања.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, фабриката е резултат на претходната соработка со белгиската компанија „Ванхул“. - Не отвораат нови работни места само странските компании, туку и како резултат на соработката со домашните компании се отвораат нови работни места и тоа не само во слободните економски зони, туку и надвор од нив, во овој случај во индустриска зона во Штип. За почеток се вработени околу 100, меѓутоа со изградбата на новите погони се отвора можност и за нови 200 вработувања, рече на свеченоста вицепремиерот Пешевски.

Сопственикот на „Актива“, Илија Николов истакна дека во новата фабрика која се простира на површина од 9.000 метри квадратни ќе се произведуваат автобуски шасии за белгиската компанија „Ванхо“.

- Особено сум горд што можам да кажам дека ова е прва капитална инвестиција од ваков карактер на овие простори во автомобилската индустрија како дел од вкупната планирана инвестиција на Актива. Морам да истакнам дека во изградбата на овој проект се вградени целото наше знаење и умешност, но сепак голема поддршка во изградбата и во изборот на технологијата ни се даде и од целиот инженерски тим на Ванхул на кој сум им посебно благодарен, рече Николов.

Според сопственикот на Ванхул, Филип Ванхул соработката со штипска „Актива“ уште на самиот старт кога и почнале да ја градат фабриката за производство на автобуси во Скопје била одлична  по што продолжила и со изградбата на новата  фабрика „Актива аутомотив“. 

- Тие работат не само за потребите на нашиот бизнис во Македонија, туку и за потребите на нашиот бизнис во Белгија, рече Ванхул. 

Фабриката „Актива аутомотив“ во текот на изминатиот период се здобила и со сертификати за заварување според сите европски стандарди. Со тоа компанијата „Актива“ излезе и од рамките на основната дејност, а тоа е проектирање и изградба на инжинерски, индустриски, спротски и други објекти. 

Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев нагласи дека секоја инвестиција без разлика дали е од домашен или странски инвеститор е добредојдена во Штип.Смета дека со изградбата на автопатот Штип-Миладиновци  и на гасоводот од Клечовце до Штип центарот на Истокот станува атрактивен за сите инвеститори. 

Инаку, во фабриката се произведуваат заварени склопени елементи за шасии за автобуси за потребите на белгиската „Ванхул“ која има производни капацитети во ТИРЗ „Бунарџик“ во Скопје.

 

 

Оцени ја веста

17.03.2015 - 16:02
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега