Промовирана нова владина мерка во Прилеп

 

Во Прилеп има недостиг од шивачи на текстилни материјали и од денеска Агенцијата за вработување започнува со реализација на нова мерка – обука за побарувани занимања, пренесува МИА.

- Се промовира новата мерка – обука за побарувани занимања, зашто анализата за потребните вештини што ја правиме со работодавците покажа дека во нашата општина немаме доволно обучени шивачи на конфекциски материјали. Ова беше причина Владата во Оперативниот план да ја внесе оваа мерка, изјави Силвана Пашоска, директорка на Центарот за вработување во Прилеп.

Таа ги повика невработените лица кои се активни баратели на работа, а сакаат да се стекнат со стручни знаења од оваа област, да се пријават на огласот кој ќе биде отворен до 31 јули.

- Обуките за шивач на конфекциски материјали ќе се ажурираат месечно и ќе се одвиваат кај работодавците. Со ова ги повикуваме работодавците од текстилната индустрија да аплицираат. Ќе бидат обучивачи-провајдери зашто искуството покажува дека имаат недоволно стручен кадар од оваа област. Ова ќе биде четиримесечна обука што ја покрива Агенцијата за вработување во износ од 6.200 денари. Ќе се профилира кадар за шивачи на текстилни материјали кој потоа очекуваме да најдат вработување во текстилните фирми во градот, рече Пашоска.

Според Центарот за вработување, во прилепските текстилни фирми моментално се вработени околу 4.000 лица.

Оттаму информираат дека и овој месец продолжуваат мерките за кредитирање на мали и микро фирми, како и самовработување со кредитирање. Кредитирањето на мали и микро фирми е актуелно за сите возрасти, како за младите до 27 години како посебна таргет група, така и за повозрасните лица.

Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, локалната самоуправа на секој начин ги поддржува овие мерки. - Локалната самоуправа и дава максимална поддршка на Агенцијата за вработување за сите мерки за вработување. Ги повикувам сите да се пријават, да ги искористат поволностите за самовработување, но и оние кои сакаат да се оспособат со стручност во текстилната индустрија бидејќи, реално, има недостиг од тој кадар, изјави Ристески.

 

 

Оцени ја веста

08.04.2015 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега