Трговците ги поддржуваат законските измени за следењето на готовинското плаќање
Големите трговци целосно ги поддржуваат законските измени според кои од 1 јануари 2014 година обврзно ќе биде користењето фискален систем на опрема за регистрирање готовински плаќања зашто ваквото решение, велат, значително ќе ја намали нелојалната конкуренција.
Сепак, бараат одговор од Министерството за финансии дали и колку ќе може да се употребуваат веќе вградените софтверски решенија за следење на прометот што би било во функција на намалување на работните трошоци, како и соодветна помош од софтверските компании со цел обезбедување еден GPRS систем за повеќето фискални каси во продажните објекти.
- Потребните софтвери ги вградивме уште пред 6-7 години кога се донесе законот за купување македонски производи. Сметаме дека може да се користат и сега, за да немаме дополнителни трошоци. Втората наша иницијатива е, наместо на секоја каса, GPRS уред да се вгради на локалните сервери кои ги поврзуваат сите каси. Така, од едно место би се контролирало целото готовинско плаќање, рече денеска на прес-конференција Никола Начовски, генерален менаџер на „Тедико Супер“ Скопје.
Измените на Законот за регистрирање готовински плаќања предвидуваат даночните обврзници чиј промет претходната година надминал 10 милиони денари да воведат фискален систем до 31 март 2014, а останатите до 30 јуни 2014. Нивната примена, како што истакна Митко Митевски од Здружението на трговија при Стопанската комора, ќе создаде услови за потребната фискална дисциплина што би било во функција на надминување на нелојалната конкуренција на пазарот.
- Значењето на овој закон е уште поголемо зашто во структурата на вкупниот промет во трговијата на мало готовинското плаќање учествува со околу 90 отсто, посочи Митевски.
Во врска со одредбите кои се однесуваат на купувањето домашни производи, за поголем ефект, трговците сугерираат упатувањето и рекламата да се прават непосредно, на самите пунктови, тезги и гондоли.