Аплицирајте за субвенции за рибарство и аквакултура
Од денеска до 14 мај годинава може да се доставуваат барања за користење средства за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2015 година, соопштија од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Повикот се однесува на поддршката за изградба на нови риболовни пунктови, реконструкција и адаптација на постоечките, како и надомест за услуга за користење на постоечки пунктови, на поддршка за рехабилитација на риболовни води со доградба, надградба и опремување на постоечките капацитети/мрестилишта за производство на репродуктивен и порибителен материјал, поддршка за изградба и реконструкција на мандри за традиционален лов на риба во Дојранско Езеро, за дополнителна заштита на рибите во риболовните води, како и за изградба на нови капацитети за аквакултура, проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постојните, изградба на нови капацитети за преработка на рибите и набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите.
За рибарството, финaнсиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 100 проценти од вредноста на одобрените/прифатливи трошоци за инвестиции или надомест за услугата, додека за аквакултурата по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина на 50 отсто од вредноста на одобрените/прифатливи трошоци за инвестиции.
Доделената финансиска поддршка е неповратна.
Барањата за користење средства (Образец ПРА –А1) и за исплата (за потточка 1.7) со листата на потребни документи и Упатсвото за корисниците, може да се подигне на веб страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или www.pa.gov.mk.
Пополнетите барања се доставуваат по пошта или лично во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа