Венизелос е нов министер за надворешни на Грција - прв инсистираше Атина да стави вето за Македонија
Лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос е нов министер за надворешни работи на Грција, јави дописникот на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Андонис Самарас и Венизелос денеска се сретнаа за да ги финализираат деталите околу реконструкцијата на грчката Влада откако Демократската левица се повлече од Кабинетот.
Венизелос во новата Владата ќе биде и заменик премиер, додека досегашниот шеф на дипломатијата Димитрис Аврамопулос е назначен за министер за одбрана.
Лидерот на ПАСОК во својата политичка кариера досега бил министер за медиуми, транспорт, комуникации, правда, култура и спорт, развој, енергија, индустрија, трговија, туризам и технологија, но не и шеф на дипломатија.
Пред последниот самит на НАТО во Чикаго минатата година на средбите на политичкиот врв со претседателот Папуљас, Венизелос беше еден од првите политичари кои инсистираа на тоа Грција да стави вето на приемот на Македонија во Алијансата доколку тоа прашање биде на агенда на самитот.
Семејството на Венизелос е директно поврзано со Македонија од пред еден век, со оглед на фактот што неговиот дедо Елефтерос Венизелос е еден од потписниците на Букурешкиот договор по Втората балканска војна. Со овој договор територијата на Македонија е поделена, а нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, и припадна на Грција