Голем интерес за проектот „Купи куќа, купи стан“ во Охрид
Проектот “Купи куќа купи стан“ предизвика голем интерес кај охриѓани. На карванот и презентацијата што се одржа вчера попладнето во Охрид, граѓаните се интересирале за најразличи детали околу проектот.Од Министерството за финансии велат дека се задоволни од посетеноста на каравабот за Купи куќа купи стан.
“Граѓаните на Охрид имаа конкретни прашања, односно стануваше збор за лица коишто навистина се решени да земат кредит, значи сериозно се интересираа, а некои беа дури во напредна фаза во интересот за добивање кредит преку оваа програма. Овие презентациии се токму со таа намена, значи за да се обезбедат информации бидејќи станува збор за добар проект кој што нуди високи суми на субвенции дури до 14 илјади евра и кој решава едно животно прашање за граѓаните, вели Ивана Билбиловска, од Министерството за финансии.
Во рамки на проектот влегуваат сите новоизградени станови и куќи кои имаат цена под 900 евра за метар квадратен.
Во рамки на презентацијата, освен претставниците од Министерството за финансии, пред присутните свои презентации одржаа и претставници од четири градежни компании кои нудат станови во Охрид.Станови на продажба преку проектот „Купи куќа купи стан“ нуди и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
-Нашето Акциенерско друштво е целосно вклучено во овој проект. Во Охрид имаме станови, за кои во изминатиот месец ги намаливме цените од 700 на 599 евра по метар квадартен. Сметам дека во Охрид не треба да има граѓани кои што немаат стан и во Охрид како туристичко место кое треба да биде исклучително богато, на секој граѓанин треба да му се овозможи да го реши станбеното прашање како би можел да егзистира и да формира семејство, вели директорот на Акционерското друштво Цветко Грозданов.
Исто така во рамки на презентацијата имаше претставници од сите банки кои се дел од проектот, а граѓаните имаа можност да се информираат за сите детали кои ги интересираат.
Според информациите од Министерството за финансии, до сега над 500 семејства во Македонија го решиле станбеното прашање со овој проект, а заинтересираност имало во сите градови.
Проектот „Купи куќа, купи стан нуди неколку модели за купување на стан. Првиот модел е „половина рата“ каде што државата плаќа половина средства за ратата во првите пет години и вториот модел е „пола учество“ за кое државата плаќа 50% од учеството за купување стан. Доколку граѓанинот се одлучи за изградба или купување на куќа, тогаш државата плаќа 75% од ратата за првите пет години или дава 75% од учеството.
Граѓаните, кои сакаат да аплицираат за субвенциониран кредит, треба да ги исполнуваат следните услови: Вкупните месечни приходи на поединецот да бидат најмногу до 900 евра месечно или на брачните партнери најмногу до 1300 евра месечно; да немаат недвижен имот во нивна сопственост и да немаат подигнато друг станбен кредит.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа