Годинава помалку тутун во Македонија

 

Тутунската индустрија годинава бележи намалувања по однос на сите параметри. Склучени се вкупно 34.445 договори за откуп или 19 отсто помалку од лани, насадени се 14.030 хектари тутун или 30 отсто помалку, остварен е принос од 24.857 тони што е 20 проценти помалку од минатата година, а остварена е просечна откупна цена од 117,2 денари за килограм односно 24 отсто пониска од минатата година кога беше 152 денара, соопшти денеска Стопанската комора.

Намалување бележи и извозот за сметка на увозот. Посебно загрижува, како што беше нагласено, тоа што веќе 2.500 тутунопроизводители се преориентирале на друг вид култури.

- Годинава не се остварија проекциите на компаниите кои предвидуваа принос на тутун од околу 30 милиони килограми. Намалувањето на реколтата се должи пред се на временските прилики, поројните дождови и поплавите кои значително го намалија квалитетот. Ако ваквата тенденција продолжи, можно е, покрај овие 2.500 кооперанти, и други да се преориентираат во однос на дејноста, истакна Васко Ристовски од Комората.

Според него, субвенциите ги ублажуваат ударите, но и покрај тоа производителите бараат излез во одгледување други култури.

Проценките од терен покажуваат дека 20 отсто од годинашната реколта тутун е четврта класа. Количините од првата берба содржеле дури 30 проценти влага.

Откупот заврши во законскиот рок, 15 март. Во тутунската индустрија ќе се реализираат вкупно 73 милиони евра, 47,5 милиони од откупот и 27 милиони од субвенциите.

Одговорајќи на новинарско прашање, Ристовски напомена дека причините за намалениот извоз и зголемениот увоз по пониска цена треба да се бараат во легислативата бидејќи, како што додаде, тенденцијата е спротивна од целта што требала да се постигне.

 

 

Оцени ја веста

20.04.2015 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега