Се впуштаат ли македонските компании во „иновативна авантура“?

 

Истражувањата покажуваат дека компаниите кои вложуваат во иновативни процеси, во просек забележуваат раст на профитот од 10 до 30 проценти, додека извозно ориентираните компании се многу поиновативни од оние кои работат само на домашниот пазар, пишува Лидер.

Иновативноста како концепт за македонските компании не претставува „сива зона“, но ретко која компанија си дозволува да се впушти во „иновативна авантура“. Македонските компании не се сиромашни со идеи, но потклекнуваат кога е во прашање нивната реализација. Компаниите од ИКТ индустријата, како на светско ниво, така и локално, во земјава, се оние кои најчесто воведуваат иновативни процеси во своето работење. Тоа го потврдува и фактот што околу половина од компаниите кои поднеле свои проекти на првиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, доаѓаат токму од оваа динамична индустрија.

Експертите сметаат дека македонските компании треба да ја искористат креативноста на своите вработени и да ги поддржат иновативните идеи. Со ова ќе ги подобрат работните процеси и ќе придонесат за подобри економски резултати и за зголемена конкурентност.

Годишно по 12 илјади евра за иновации

Кога станува збор за инвестирање во иновативни процеси, македонските компании најчесто вложуваат во опрема, машини и технологија, и тоа во просек по околу 12 илјади евра годишно. Исто така вложуваат и во обуки на вработените, како и во маркетинг.

Според истражувањето на Knowledge Center, само 31 процент од компаниите спровеле нови или подобрени процеси во периодот од 2010-та до 2013-та година. Тие вовеле нови или подобрени производи и/или услуги, во најголем дел ги развиле самите, без соработка со истражувачки центри или други стручни лица. Од друга страна, пак, половина од компаниите ги напуштиле иновативните проекти во раната фаза од развојот.

-Две третини од испитаните компаниите инвестирале во нови производи и услуги, две третини од нив инвестирале и во нови процеси, сепак, скоро повеќе од половина од компаниите, 52%, напуштиле одредени иновативни проекти во текот од периодот од 2010-та до 2013-та година. Значи се инвестира во иновации, но и многу компании се откажуваат, вели Андријана Богдановска, менаџер на компанија за истражување и менаџмент.

Поволна клима за раст на иновативноста

Државата им помага на бизнисите да ја зголемат иновативноста, а со тоа и да отворат нови работни места. Инструментите и поддршката кои ги нуди Фондот за иновации и технолошки развој во земјава се очекува да ги раздвижат компаниите во делот на развојот на иновативни процеси во нивното работење. На првиот јавен повик за користење средства од Фондот, пристигнале 76 апликации, бројка која според надлежните е солидна, ако се земе в предвид големината на пазарот и фазата во која се наоѓаат компаниите во делот на иновативноста.

Покрај иновативноста, критериумите за избор на проектите се и пазарниот потенцијал, капацитетот на менаџерскиот тим, трошоците, како и целокупниот квалитет на проектот. Се очекува процесот на евалуација и селекција да заврши до јуни, а потоа да се потпишат првите договори со избраните компании. Во првата фаза ќе се распределат 600 илјади евра, а компаниите може да добијат најмногу до 30 илјади евра.

За бизнисмените, овие средства се повеќе од добредојдени, а главните придобивки од кофинансирањето на иновативните проекти ќе бидат развојот на домашната економијата, подобрување на животниот стандард, раст на производството, извозот и конкурентноста.

 

 

Оцени ја веста

23.04.2015 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега