Триесет компании заинтересирани за закуп на земјиште во Џумајлија
До 22 април, крајниот рок на јавниот повикот за изразување интерес за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост на комбинатот Џумајлија, вкупно 30 компанија доставувиле писмо за интерес, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од нив 14 се странски и тоа пет од Италија, пет од Турција, по една од Германија, Шпанија, Косово и Бугарија. На повикот се јавија 15 домашни компании и една компанија со машовит капитал. Компаниите главно се заинтересирани за една или за две географски целини.
Земјоделското земјиште на Џумајлија е со вкупна површина од 4.435 хектари кои се наоѓаат во 14 катастарски општини и се групирани во четири географски целини со големина од 1.000 до 1.200 хектари.
Компаниите имаа обврска да достават бизнис план со износ на вкупните инвестиции, опис на применетите технологии, спецификација на механизацијата, и планираниот број на вработени по години.
Целта на овој повик беше да се идентификуваат заинтересираните страни и да се согледа нивниот интерес за видот на производството. По анализите на доставените планови, односно големината на инвестицијата, број на вработување и планираниот приход по единица површина, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе објави јавен оглас на кој ќе можат сите компании кои ги исполнуваат условите (без разлика дали претходно пројавиле интерес), да аплицираат и да учествуваат во електронско наддавање.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа