Македонските и француските винари заедно за развој на винскиот туризам
Претставници од винскиот регион Алзас во Франција, во дводневната посета на Вардарскиот регион, ќе даваат предлози на македонските производители на вино како да го подобрат квалитетот на производот и поуспешно да го пласираат.
-Сакаме да им го покажеме нашето искуство на македонските производители. Во Алзас постои желба за работа кај сите винопроизводители и сите актери од тој домен. Работат заедно за да може да се подобри квалитетот на виното,но и она што денеска ќе го кажеме за производство на посебните сорти на вино, изјави Жан Луј Везиан – Директор на совет за вино во Алзас, пренесе Канал 5.
Соработката доби поддршка и од министерството за локална самоуправа од каде се надеваат дека истата ќе придонесе, Македонија да се смести во мапата на препознатливи туристички дестинации.
-Претпоставуваме дека со воспоставувањето на оваа соработка денес, која е пред се во полето на развојот на винскиот туризам , ќе се отвори можност за понатамошна соработка и за финансирање на понатамошни проекти , но и за активно вклучување на бизнис заедницата како двигател на развојот“ – изјави Билјана Цветановска Гугоска - Државен секретар во министерството за локална самоуправа.
Вардарскиот регион и регионот Алзас од Франција , ќе потпишат петгодишен договор за соработка, период во кој континуирано ќе се работи на развојот на алтернативниот туризам во Македонија.
-Ќе ги мапираме одредени активности во сегментот на винскиот пат, разменување на искуства, начинот на производство на квалитетно вино , задача што ќе оставиме да ја изработат стручни лица. Но, она што е карактеристично е дека успеавме да започнеме соработка која долгорочно ќе даде резултати, изјави Славчо Чадиев – Претседател на советот за развој на Вардарски плански регион.
Голем е бројот на заеднички карактеристики на двата региони што во иднина ќе придонесе за проширување на соработката и во многу други области.
-Се надевам дека овие експерти кои доаѓаат од регионот Алзас, ќе успеат да го пренесат доброто искуство и добрите практики што се однесуваат на економскиот, туристичкиот и земјоделскиот сектор, изјави Лореанс Оер - Амбасадор на Р.Франција во Р. Македонија.
Ова е втора регионална соработка за вардарскиот регион, по веќе воспоставената со полскиот регион Голенов.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа