Падна тутунската мафија - уапсени 17 лица

 

Седумнаесет лица, меѓу кои и еден бугарски државјанин денеска се изведени пред истражен судија, а против нив е поднесена кривична пријава за криумчарење цигари од Македонија во Бугарија. Меѓу пријавените е и еден полициски службеник кој е вработен во граничната полиција.

- Утрово заедно со кривичната пријава и обезбедениот доказен материјал, 17 лица кои се дел од дваесетчлената организирана криминална група инволвирана во криумчарење на цигари беа изведени пред истражен судија, изјави на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Криминалната група, како што појасни, е составена од 19 македонски државјани и еден бугарски државјанин, и се товари дека во периодот од септември 2010 до септември 2011 организирала вкупно 12 нелегални транспорти на цигари од Република Македонија кон Република Бугарија.

- Според досега документираните сознанија групата во септември 2010 година ја создал 47-годишен скопјанец потпомогнат од 41 годишно лице од Тетово и други пет лица од Скопје, заради вршење кривични дела криумчарење на цигари. Останатите членови од Струмица, Делчево, Кочани и Берово кои се на возраст од 25 до 60 години имале задача илегално да ги пренесуваат цигарите во соседна Бугарија. Како логистика од другата страна на границата им бил 34- годишен бугарски државјанин, што исто така е опфатен со оваа кривична пријава, изјави Јанкуловска.  Меѓу пријавените е и еден полициски службеник од граничната полиција кој имал задача членовите на групата да ги информира за движењето на полициските патроли по граничната линија.

Министерката за внатрешни работи Јанкуловска истакна дека контролата на полицијата ќе продолжи вклучително и борбата против организираниот криминал.

најчитано сега