Венизелос ја презеде функцијата министер за надворешни работи на Грција
Министерството за надворешни работи е трет по големина бастион на националниот суверенитет на Грција, по Министерството за одбрана и Министерството за финансии, изјави новиот шеф на грчката дипломатија Евангелос Венизелос.
Досегашниот грчки министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос денеска свечено му ја предаде новата функција на Венизелос со кого на церемонијата се поздравија со вообичаената фраза „драг пријателе“.
Венизелос во новата Владата е и заменик премиер, додека Аврамопулос е назначен за министер за одбрана.
Пред последниот самит на НАТО во Чикаго минатата година на средбите на политичкиот врв со претседателот Папуљас, Венизелос беше еден од првите политичари кои инсистираа на тоа Грција да стави вето на приемот на Македонија во Алијансата доколку тоа прашање биде на агенда на самитот.
Семејството на Венизелос е директно поврзано со Македонија од пред еден век, со оглед на фактот што неговиот дедо Елефтерос Венизелос е еден од потписниците на Букурешкиот договор по Втората балканска војна. Со овој договор територијата на Македонија е поделена, а нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, и припадна на Грција.