Груевски: Во инвестициите на ОДВ и Костал до крај на годината ќе се вработат над 300 од вкупно 2000 работници
Нови 300 вработувања до крајот на годината во фабриките на ОДВ и Костал најави премиерот Никола Груевски на денешниот голем собир на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Премиерот рече дека во фабриките на странските инвеститори ќе работат вкупно над 2000 работници,
„Во овој регион во август 2014 година ја започнавме изградбата на ТИРЗ Струга-Охрид, на површина од 30 хектари. Зоната во која инвестираме неколку милиони евра(5 милиони) и која директно допринесува за привлекување на странски инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните, инфраструктурно е во финална фаза и веќе летово ќе биде оперативна и ќе почнат да се градат првите фабрики во неа!
Првата фабрика која ќе почне да се гради во неа е на германската компанија од автомобилската индустрија ОДВ Електрик, која веќе најави инвестиција во оваа зона во висина од 15 милиони евра и планирани 1000 нови работни места за Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и пошироко. Оваа компанија која ќе произведува жичани инсталации за автомобилската индустрија веќе работи во браунфилд хала и вработи 60 лица, а до крајот на овој месец ќе го комплетира и вториот инвестициски циклус за набавка на опрема. Денес сакам да најавам дека ODW Електрик во јуни започнува и со изградба на својот гринфилд објект во зоната кој треба да биде готов во првите месеци од 2016 година. Сакам да истакнам уште нешто а тоа е дека додека оваа фабрика биде изградена, во браунфилдот во кој веќе се работи бројката на вработени од 60 лица ќе се зголеми за 2 до 3 пати што значи стотина нови вработувања во компанијата до крајот на годината!
Втора, исклучително важна инвестиција за овој регион е од германска компанија од автомобилската индустрија – Костал. Костал ќе инвестира 80 милиони евра (во период од 10 години) и планира да вработи 1000 граѓани од овој регион. Оваа компанија најдоцна на почетокот на 2016 година почнува со градба на фабриката која треба да биде готова до крајот на следната година. Но сакам да истакнам една позитивна вест, Костал најдоцна наесен ќе започне со работа во браунфилд хала и ќе почне да ги реализира и првите вработувања, кои додека се изгради гринфилд капацитетот ќе достигне 150-200 нови работни места!
Тоа се две огромни фабрики во охридско-струшко кои дури работат во браунфилд халите ќе вработат 300 до 400 работници, а кога ќе станат оперативни новите фабрики ќе вработат најмалку 2000 вработени!“ – рече Груевски
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа