Со нови мерки до нови инвестиции и поголема конкурентност
Се олеснува работењето на компаниите, малите бизниси, самовработените лица, земјоделците, трговците, пишува Лидер.
Наскоро се воведува можност за плаќање на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување на рати, најмногу до 24 месеци и ослободување од камата доколку се платат заостанатите придонеси за пензиско и инвалидско. За долг по основ на неплатени придонеси од први јануари 2009-та до 31-во декември лани, со закон ќе се овозможи плаќање на главниот долг на рати. Ако се исплати за 12 месеци на 12 рати, должникот ќе се ослободи со 70 проценти од каматата ако се плати на 24 рати, за 50 проценти. Ова, меѓу другото, претставува дел од новиот сет мерки за олеснување и подобрување на работата на компаниите, кои изминатиов викенд ги најави премиерот Никола Груевски.
Со цел значително да им се олесни работата и да им се намалат трошоците, физичките и правни лица кои имаат до 49 вработени ќе бидат ослободени од водење канцелариско и архивско работење. Единствената обврска за нив ќе биде да се архивира материјалот кој е од трајна вредност за Македонија, науката и културата.
Истовремено, правните лица со 50 и повеќе вработени ќе имаат обврска да водат единствено основна евиденција. При тоа законот дава можност самите да утврдат која евиденција ќе ја водат, односно можат наместо деловодник да водат своја евиденција која веќе име е воспоставена, а исто така и основните броеви можат да ги утврдат самостојно онака како што веќе ја имаат воспоставено евиденцијата, а не задолжително да ја користат номенклатурата на државниот архив.
Со тоа ќе се воспостави законски основ приватните фирми својата електронска евиденција која веќе ја имаат воспоставено и која ја водат пред се заради свои потреби, односно за следење на текот на работата да биде правно релевантна, а не да се оптоваруваат со дополнителна евиденција за чие што водење ќе се трошат непотребно ресурси и средства.
Компаниите ќе имаат повеќе простор за планирање и инвестиции
-Ова е огромно, значително олеснување за приватниот сектор, за секое правно лице, за секој трговец, за секој индивидуален земјоделец, за секој мал голем или среден бизнис, за сите оние кои биле погодени од светската економска и европската должничка криза, и кој поради тоа западнале во неволја и не можеле да ги платат придонесите за себе и своите вработени, изјави премиерот Груевски.
За бизнисот, овие мерки се добредојдени, бидејќи истите, покрај тоа што ги намалуваат трошоците, но и времето поминато во административни процедури, тие оставаат простор за инвестиции и планирање на бизнисот во иднина. Можноста на некој начин да се ослободат од долговите, за компаниите секојпат значи помирно размислување за иднината и за подобро планирање, сметаат експертите.
-Фирмите сега имаат можност она што им стои како товар од минатото, за кое немале можност и капацитет да го исполнат, да ги платат придонесите и да не размислуваат да ја затворат фирмата и да продолжат со некоја нова, изјави Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.
Според него, мерката за ослободување од канцелариско и архивско работење за фирмите до 50 вработени, ќе биде добредојдена, бидејќи истата претставувала товар, вака менаџерите на компаниите ќе можат повеќе да се посветат на својот бизнис, отколку на неговата администрација.
На последната владина седница, исто така, усвоен е законот за работни односи, според кој се продолжува породилното отсуство од 12 до 15 месеци за оние мајки што ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш. Се размислува и за зголемување на платите на информатичките кадри вработени во јавниот сектор за 30 проценти.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа