Добри вести: Ќе се менува Законот за минимална плата во Македонија
По 600 евра казна да платат работодавците за секој работник на кој ќе му дадат плата пониска од минимално утврдената со Закон. Ова, според претставници на работодавците се предвидува со најновите измени на Законот за минимална плата. Ресорното Министерство за труд и социјална политика само кусо соопштува дека работи на корекција на овој Закон и предлага нови глоби со кои се очекува да се подигне свеста на работодавците за исплаќање на минималната плата утврдена со Закон. Последниот рок за изготвување на овие измени истекува денеска. Претставнци на работодавците кои имаат увид во текстот велат дека се предлага уште една опција, а тоа е доколку казната се плати веднаш, односно во рок од седум дена, сумата да се преполови и да изнесува 300 евра по работник.
Информирани сме за овие измени преку Социјално-економскиот совет и очекуваме при казнувањето да се направи хиерархија, односно глобата да се определи според бројот на вработените во компанијата. Ако за секој работник кој добил помалку од минималецот се плаќа казна од 600 евра, што ќе биде со работодавците кои имаат по илјада и повеќе вработени, објаснува Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ), кој додава дека предложените измени ги иницирале работници кои не ја добивале сумата што им е законски загарантирана. Кога конечната верзија на предлогот за измени на овој Закон ќе дојде на расправа во Социјално-економскиот совет, работодавците, како што најавуваат, ќе предложат и други корекции, како на пример да не се казнува веднаш, туку да се задржи рокот од една недела за советување да се коригира грешката. Исто така, ќе се бара намалување на нормите кои од компаниите се често злоупотребувани. Конечен став на БКМ е дека всушност не се потребни измени на законот само за да се заострат санкциите за работодавците кои забошотуваат при исплатата на минималната плата, зашто такви прекршоци има малку.
Од вкупниот број фирми исплата на плата пониска од минималната е забележана само кај 1.500, главно мали и средни. Се работи за 6.000 вработени кои примаат плата под законски утврдената минимална. Ова е премногу мал процент за да се прават вакви корекции на Законот на минимална плата, смета Бошков. Од почетокот на оваа година работодавците на работниците треба да им исплатат плата од најмалку 9.590 денари. Претходно минималецот изнесуваше 8.050 денари. Казните за неисплата на оваа сума според сегашната верзија на Законот за минимална плата достигнуваа вкупно 10.000 евра, но не по работник, како што се предлага сега.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа