„Македонија вработува“: Невработени лица од сите возрасти ќе добијат можност за вработување
Невработени лица од сите возрасти ќе добијат можност за вработување. Собранието го донесе новиот пакет мерки од проектот „Македонија вработува“. Се очекува бројот на невработени и натаму да се намалува.
Само во изминатите две години, во Тетово со активните мерки се вработени речиси 2000 лица.
Од почетокот на оваа седмица важат новите законски мерки за вработување. Со нив секоја компанија која има потреба за вработување добива одредени бенефиции. Мерките се однесуваат на повеќе старосни групи, лица во ризик, социјално ранливи семејства, пишува КУРИР.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски истакна дека доколку компанијата вработи лице до 35 години ослободена е 3 години од плаќање придонеси и персонален данок со обврска за вработување.
Лицата од 35 до 50 години кои 10 години се невработени, ослободени се од плаќање на придонеси 5 години со обврска за најмалку уште една година да биде задржано на работа. Лицата на над 50-годишна возраст ослободени се 5 години од придонеси. Оние над 58 години старост на кои им недостасува стаж се ослободени од социјалните придонеси се до исполнување на условите за пензионирање.
Компаниите кои се заинтересирани за вработување според овие мерки треба да имаат најмалку еден вработен, да не го намалиле вкупниот број на вработени и да не должат за придонеси и даноци повеќе од два месеци. Законот во Собранието на Република Македонија беше донесен по скратена постапка.
Новите мерки за вработување се очекува да ги искористат 150.000 лица. Најголем интерес се очекува во категоријата до 35 години.
Томислав Трифуноски, раководител на Агенција за вработување Тетово истакна дека со активните мерки за вработување во Тетово во изминатите две години вработени се 2000 лица. Со новите мерки се очекуваат нови вработувања со што и бројот на невработени ќе се намали.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа