Прилепскиот градоначалник даде отчет за сработеното

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески денеска на прес-конференција ги наброи проектите на  локалната самоуправа со кои Прилеп станал меѓу најразвиените македонски општини и добил одлики на современ европски град.

- Општина Прилеп и понатаму е лидер во изготвувањето решенија за легализација на диви објекти на ниво на Македонија. Досега имаме легализирано околу 6.000 објекти и доколку продолжиме со ова темпо до крајот на годината планираме да заврши процесот на легализација во општина Прилеп. Започната е изработка на рекордни 35 детаљно-урбанистички планови, со што комплетно ќе биде покриена секоја педа од градот со урбанистичко планирање. Прилеп е прва општина  со формиран Економски совет од истакнати бизнисмени, интелектуалци и менаџери на познати институции од градот кои даваат насоки во подобрување на квалитетот на работењето на локалната самоуправа, јавните претпријатија и економскиот развој на градот, истакна Ристески во отчетот.

Тој ги спомна почетокот на изградбата на комплетна инфраструктура на Индустриската зона Прилеп 1, завршувањето на изработката на новиот ДУП за Индустриската зона Прилеп 2, каде наредниот месец ќе бидат понудени нови 15 локации за изградба на помали економски капацитети кои во иднина ќе овозможат илјада нови вработувања. Наскоро треба да почне првата фаза од проектот за реконструкција на 78 километри канализациска мрежа низ градот и изградба на нова пречистителна станица во вредност од 30 милиони евра, со што градот комплетно ќе го реши проблемот со третман на отпадните води. 

Ристески посочи и на изградба и реконструкција на плоштади и училишта, изградба на спортски сали и монтажни училишта, патни правци и водоводи во населени места, изградбата на паркови и деловни центри, реконструкција и осветлување на влезот во градот, асфалтирање на патот до манастирот Трескавец, формирање на ново јавно претпријатие „Градски превоз“ со што и Прилеп ќе добие градски превоз, набавени машини и технологија за селекција и рециклирање отпад, со што ќе почне првата фабрика во Македонија за рециклирање отпад и негово претворање во електрична енергија и биогас, поставен камен-темелник на нова автобуска станица и транспортен центар, почнат проект за нова Противпожарна станица и  изградба на ново кино, асфалтирање на улиците во градот, подготовка за изградба на нов стадион за голем фудбал со вештачка трева, изградба на 78 социјални станови во населбата Точила... Општината спроведува и проекти од областа на социјалата, екологијата и настани од културата со кои општината, рече Ристески, станува препознатлива во Македонија и во регионот  и прераснува во центар на културен – фестивалски туризам.

- И понатаму со несмален интензитет продолжуваме со реализација на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и здружената коалиција која содржи  над 400 проекти за подобрување на квалитетот на живеење  на граѓаните на Прилеп, додаде прилепскиот градоначалник.

ФОТО: Фактор 

најчитано сега