Поддршка од Собранието за предлог закони и годишни извештаи
Републичкото Собрание на попладневното продолжение на 65. седница го прифати Предлог законот за обврзници на Република Македонија за денационализација, во прво читање, и препорача негово проследување во натамошна собраниска процедура.
Целта на измените на Законот е зголемување на бројот на емисии на обврзници за денационализација од дванаесет на четиринаесет. Со тоа, според обраложението, ќе може да се опфатат предметите за денационализација по кои се одлучува во повторна постапка, а за кои е потребно дополнително издавање обврзници.
Поддршка од пратениците добија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, во прво читање, како и Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во 2012 година, како и измените и дополнувањата на Годишниот финансиски план на МАПАС за 2013 година.
МАПАС во текот на минатата година се грижеше за правата и интересите на 323.480 членови на приватните задолжителни пензиски фондови и 16.755 членови на приватните доброволни пензиски фондови. Вкупната вредност на средствата во сите фондови изнесува над 330 милиони евра.
- МАПАС има голема важност за зголемување на свеста кај населението кое се уште не е доволно запознаено како да ги користи привилегиите на вториот и на третиот пензиски фонд, оцени Миле Пачемски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата на Собранието беа изгласани и извештаите за работата на Комисијата за хартии од вредност и на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и малолетничкото престапништво во 2012 година.
Според извештајот на Државниот совет, во минатата година се извршени 1.582 претстапништва од страна на малолетници, што претставува намалување во споредба со 2011 година кога се регистрирани 1.845. Учеството на малолетничкиот криминал во вкупнo расветлениот криминал е 12,8 проценти.
Собранието ќе продолжи со работа по преостанатите точки од дневниот ред на 65.седница в понеделник.