Македонски и црногорски стопанстверници разговараа за проширување на соработката

 

Стопанска делегација од Црна Гора, која присуствуваше на отворањето на Одделението за економски прашања и туризам при Амбасадата на Црна Гора во Македонија, денеска во Стопанската комора на Македонија се сретнаа со македонски стопанственици. 

Средбата, соопштија од Стопанската комора на Македонија, ја отвори оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, Елена Милевска Штрбевска, која истакна дека стопанската соработка меѓу двете земји е на завидно ниво, но се уште има простор за нејзино зголемување.

Татјана Перовиќ Митрова, шеф на Одделението за економски прашања и туризам при Амбасадата на Црна Гора во Македонија, изрази надеж за што поскоро воведување на авионска линија Скопје – Подгорица со која би се забрзало темпото на развој на стопанската соработка.

Црногорските претставници најмногу се интересираа за градежниот сектор заради експанзијата на градежништвото во Црна Гора. Тие истакнаа дека имаат потреба од градежни материјали и стручна работна сила, за што Македонија може да им излезе во пресрет, бидејќи се потпишани соодветни меѓудржавни документи, стои во соопштението. 

Стопанствениците од двете држави разменија информации за своите компании и ги изнесоа потребите за заедничка соработка при реализација на објекти од ниско и високоградба, посебно во Црна Гора, а исто така се заложија да продолжи досегашната соработка меѓу компаниите, но и да се воспостават нови контакти.

На средбата, на која присуствуваа претставниците на компании од градежниот сектор и од областа на соларната енергија, беа презентирани саемските манифестации што во Црна Гора се организираат од оваа област, а македонските компании беа повикани да земат активно учество на нив, што е шанса да се остварат бизнис-партнерства.

Вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Република Црна Гора во првите два месеца од тековната 2015 година изнесува 3 милиони долари, што претставува намалување од 10,78 отсто споредено со истиот период минатата година. Извозот изнесува 2,8 милиони долари, што претставува намалување од 8,45 отсто, додека увозното салдо изнесува 249 илјади долари, или намалување од 31,05 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Во вкупната надворешно-трговска размена на двете земји во првите два месеца од тековната 2015 година остварен е трговски суфицит од 2,6 милиони долари. 

Анализата на вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Црна Гора за 2014 година, покажува дека вкупната трговска размена бележи пораст од 11,43 отсто во однос на 2013 година. Притоа, вкупниот увоз бележи раст од 25,67 отсто во однос на 2013 година, додека извозот е зголемен за 9,92 отсто во однос на 2013 година.

 

 

Оцени ја веста

07.05.2015 - 19:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега