Македонски Телеком и Т-Мобиле во првото тримесечје од 2015 година ја задржаа водечката позиција
Македонски Телеком АД-Скопје и Т-Мобиле Македонија ја задржаа водечката позиција во на пазарот во првиот квартал од 2015 година и покрај силното пазарно опкружување, покажуваат неревидираните консолидирани финансиски резултати согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Продолжува трендот на пораст на приходите во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги.
Приходите од продажба на ниво на Групација во првото тримесечје изнесуваат 2.473 милиони денари, што претставува намалување од 6,7 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Оперативните трошоци на крајот од првото тримесечје од 2015 година се намалија за 4,2 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Вкупните капитални инвестиции изнесуваат 112 милиони денари.
Добивката од редовно работење пред оданочување на крајот од првото тримесечје од 2015 година изнесува 345 милиони денари и е намалена за 19,7 отсто споредено со истиот период од минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите делумно компензирани од помалите трошоци. Вкупната нето добивка на крајот од првото тримесечје од 2015 година изнесува 303 милиони денари.
На крајот од првото тримесечје, Македонски Телеком остана на лидерската позиција со 63 отсто пазарно учество во сегментот на фиксна телефонија и удел од 50 отсто во делот на широкопојасниот интернет, согласно интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 18 отсто споредено со истиот период од 2014 година, со бројката од 233 илјади корисници Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.
Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV на крајот од првото тримесечје од 2015 година се зголемија за 3,9 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Базата на DSL корисници на крајот од првото тримесечје од 2015 година остана стабилна во споредба со истиот период од 2014 година (зголемување за 0,1 отсто), што резултираше со 189 илјади корисници.
Македонски Телеком покажа добри резултати со дигиталната телевизија. Бројот на корисници постојано се зголемува, што резултираше со база од 99 илјади корисници на IPTV на крајот од првото тримесечје од 2015 година или зголемување од 9,3 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Со тоа Македонски Телеком ја задржа водечка позиција на пазарот достигнувајќи 23,2 осто од вкупниот тв пазар, според интерните проценки.
Во мобилната телефонија, приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првото тримесечје од 2015 година се намалија за 11,8 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите, зголемената конкуренција и намалениот сообраќај од терминирање во мрежа. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи како за говорните, така и за податочните услуги кои се вообичаено опфатени во пакетите. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и конкуренцијата, просечниот приход по корисник е намален за 8 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.
Приходите од неговорни услуги се зголемија за 8,6 отсто во споредба со истиот период од 2014 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај и зголеменото користење на податочни тарифни модели.
Т-Мобиле Македонија има водечка позиција на пазарот со удел од 46 отсто, согласно интерна проценка. Базата на претплатници на крајот од првото тримесечје од 2015 година изнесува 1.189 илјади претплатници и остана стабилна во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 1.194 илјади претплатници.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа