Повеќе работа и повисоки продажни цени, очекуваат раководителите на градежните фирми
Зголемување на вкупните порачки (договори) за градежни работи и на бројот на вработени во наредните три месеци очекуваат раководителите на градежните фирми, објави денеска Државниот завод за статистика.
Според оценката на раководителите, индикаторот на доверба во првото тримесечје од годинава е зголемен за 1,2 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а за 2,3 процентни поени споредено со првиот квартал лани.
Раководителите изнеле поповолна оценка за економската состојба во првиот квартал од годинава во однос на претходниот квартал и споредено со првиот квартал лани. Поповолна оценка изнеле и за финансиската состојба на нивните деловни субјекти во однос на претходното тримесечје. Оценката за сегашната состојба со порачки (договори), исто така, е поповолнa во однос на претходното тримесечје.
Во наредниот период се очекува продажните цени да се зголемат, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во првото тримесечје од 2015 година се над нормалата.
Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат неколку фактори: немањето побарувачка со 21,6 проценти, зголемените трошоци за материјали со 15,5 проценти, конкуренцијата во сопствениот сектор со 13,1 процент и зголемените финансиски трошоци (камати) со 12,9 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа