Македонија магнет за привлекување странски инвестиции
Нови фабрики никнуваат во слободните економски зони, се зголемува извозот и што е најважно, се отвораат нови работни места.
Потврда за ова стигна и од реномираната „Ернст и Јанг“. Во спроведеното истражување за новоотворени работни места од странски инвеститори, земјава се најде во топ 15 држави и тоа со најголем напредок. Растот изнесува 223%. Од 1.556 работни места кои странците ги креирале во 2013-та година, лани е достигната бројка од 5.020, пренесе Лидер.
„Ова укажува дека Македонија е во сериозен подем на отворање нови работни места како резултат на странските инвестиции“ – вели премиерот Груевски.
За споредба, просечниот раст на новоотворени работни места како резултат на СДИ на ниво на Европа изнесува 12%. Вкупно биле креирани 185.583 работни места.
Компаниите во ТИРЗ работат со полна пареа
Компаниите во слободните економски зони работат со полна пареа. Последните податоци покажуваат дека во првите пет месеци извозот од ТИРЗ е зголемен за 25% во однос на ланската година која беше рекордна. Достигната е сума од 553 милиони евра, а само во мај од 120 милиони евра, што е позитивен чекор за подобрување на трговскиот биланс, пренесе Лидер.
„Владините политики се правилно насочени. Треба да остане Фокусот на решавањето на проблемот со невработеноста и на привлекувањето странски инвестиции, но и на натамошното подобрување на бизнис-климата. Во тој правец треба да се превенираат и елиминираат сите обиди за создавање политички кризи кои би ги одвратиле инвеститорите“ – смета Груевски.
Податоците укажуваат дека е задржан позитивниот тренд. Лани извозот од зоните беше за 52% повисок во однос на претходната година, а компаниите од ТИРЗ креираа една третина од вкупниот извоз на земјава.
Нови компании почнуваат со работа
Нов инвестициски циклус почнува во слободните економски зони. Повеќе компании се во финална фаза од изградбата на своите фабрики, што значи и отворање нови работни места. Три нови капацитети се во скопски Бунарџик. Италијански „Дијатек“ за два месеца веќе треба да почне со производство, а инвестицијата вредна 10 милиони евра носи 200 вработувања. Во исто време и „Капкон“ треба да почне со пробно производство на инфлатори за воздушни перничиња, а фабриката треба целосно да биде готова до крајот на август. Се работи за американска инвестиција од 18 милиони долари која ќе отвори 400 работни места, но инвеститорот во фиока има и други планови за земјава.
Целата анализа прочитајте ја на ЛИДЕР
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа