Преку „Македонија вработува” досега работа добиле околу 1.600 лица
Преку проектот „Македонија вработува“ за нешто повеќе од еден месец се вработени 1.580 лица, од кои 90 се над 58 годишна возраст, информира директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, во рамки на денешната промоција на три локации во центарот на Скопје.
Според Поповски, ова е нов начин за промоција, бидејќи граѓаните покрај јавната кампања се уште се недоволно запознаени.
– Иако имаме популизираност на мерките се уште граѓаните и не ги разбираат и не ги сфаќаат сите оние предности што ги нудат мерките. Во овој момент Агенцијата за вработување има 30 тима составени од свои вработени кои ги посетуваат компаниите, а воедно соработуваме со сите невработени. Ова е втор настан од овој тип каде што Агенцијата директно со граѓаните на отворени простори соработува. Првиот беше во Велес во вторникот, продолжуваме и во другите градови, рече Поповски.
За неколку дена ќе биде објавена целосната агенда за летниот период, бидејќи, како што рече, целта е секој граѓанин, секоја компанија во Македонија да ги разбере поволностите што ги нуди самиот закон од „Македонија вработува“, како и другите мерки што ги спроведува АВРМ.
Според Поповски, радува фактот што со овој проект кој се спроведува еден месец и една недела се вработени дури 90 граѓани на возраст од над 58 години, со што, како што рече, конечно е пробиена возрасната бариера при вработувањето.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа