Директен лет Охрид- Лондон два пати неделно, од 1 јули се воведува нова авиолинија Охрид- Базел
Новите летови меѓу охридскиот „Свети Апостол Павле“ и лондонскиот аеродром „Лутон“ почнаа вчервечер. Авиокомпанијата „Визер“ ќе лета на релацијата Охрид- Лондон два пати неделно во текот на летната сезона.
Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле’’, опериран од „ТАВ Македонија’’, го пречека првиот првиот лет од Лондон, со авиокомпанијата „Визер’’.
Слетувајќи рано вчеравевечер, на 10 јуни, авионот кој дојде од лондонскиот аеродром „Лутон’’, во туристичкиот бисер на Македонија-Охрид, донесе 133 патници.
„ТАВ Македонија’’ го прослави првиот лет на ,,Визер’’ од Лондон на охридскиот аеродром со традиционалната церемонија за добредојде што ја приредува за секоја новоотворена дестинација - воден мост околу воздухопловот, девојки облечени во народни носии, закуска со погача и сол за патниците, како и торта за новата рута.
-Ние во ТАВ Македонија сме многу среќни што новата авиолинија меѓу Лондон и Охрид ќе овозможи многу туристи од Англија да престојуваат на Охридското и на Преспанското Езеро. Но, оваа линија ќе биде атрактивна и за македонските граѓани, како и за патниците од соседните земји, бидејќи ќе биде добра можност за воспоставување на бизнис-врски и други релации со Велика Британија, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија’’.
Со вчерашниот прв лет се означи отворањето на новата редовна директна линија Лондон-Охрид-Лондон во текот на летната сезона. „Визер’’ ќе оперира на оваа релација двапати неделно, секоја среда и секоја недела, пристигнувајќи на охридскиот аеродром во 18 часот и 15 минути и полетувајќи за лондонски „Лутон’’ во 18 часот и 45 минути. Во моментов, овие летови се закажани до 13 септември.
Оваа нова рута е една од двете новонајавени авиолинии од охридскиот аеродром ова лето. Втората е Охрид-Базел, која ќе биде воведена од први јули, исто така од страна на „Визер’’. Воздухопловите на оваа авиокомпанија ќе летаат до швајцарскиот град секоја среда и секоја недела, до 21 октомври.
Како резултат на овие нови авиолинии, но и како резултат на чартер-летовите од Холандија, Австрија, Швајцарија и Белгија, кои носат организирани групи на туристи во Охрид во текот на летната сезона, во „ТАВ Македонија’’ очекуваат пораст на авиосообраќајот на „Св. Апостол Павле’’ во текот на летото.
Минатата 2014 година операторот на двата македонски аеродроми „ТАВ Македонија’’ опслужи речиси 1,3 милиони патници и притоа забележа пораст од 20 проценти на годишно ниво, на двата аеродроми – скопскиот „Александар Велики’’ и охридскиот „Св. Апостол Павле’’.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа