Годинава ќе има рекорден откуп на грозје и квалитетно вино

 

Рекореден откуп на грозје очекуваат лозарите годинава од страна на винарските визби. Винариите пак очекуваат висок квалитет на годинешната берба што на крај ќе резултира со квалитетно вино. Поволните временски услови, доволните дождливи денови како и очекувањата за топло сончево лето се во прилог на лозарството, а со тоа и на винската индустрија, пишува Лидер.

Повисокиот квалитет ќе донесе и повисока цена на грозјето- очекувања на лозарите

Родот засега е квалитетен и многу подобар од лани, нема болести, нема врнежи од дожд кои би влијаеле на квалитетот, очекувањата за сончеви денови во наредниот период се во интерес на поголем квалитет на зрното. Очекуваме дека оваа година од страна на винарските визби ќе бидат откупени до 180 илјади тони грозје, што ќе биде поголем откуп од рекордната 2013 година кога беа откупени околу 170 илјади тони грозје, вели Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот сојуз на лозари “Агротиквешија” од Кавадарци.

Винарската визба “Тиквеш” оваа реколта планира да откупи 20 % повеќе грозје од лозарите како резултат на нивните планови за поголем пласман на странските пазари.

-Засега временските услови оваа година се навистина поволни за лозарството. Имавме релативно блага зима, а во текот на пролетта имаше доволно дождови и сончеви денови кои овозможија грозјето добро да се развива. Се надевам дека поволните климатски услови ќе продолжат и во периодот на зреењето, со што ќе овозможат да добиеме грозје со висока шеќерност и целокупен висок квалитет, што е гаранција за производство на врвно вино. Имаме навистина оптимистички очекувања за оваа година. Тие се темелат на поволните климатски услови, но и на мерките што ги преземаме на терен во соработка со нашите партнери- лозарите, вели Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба “Тиквеш”.

Спред него, иако минатата година, која заради временските неприлики, беше исклучително тешка за лозарството и домашната винска индустрија, сепак “Тиквеш” откупи 18 милиони килограми грозје и притоа го задржа високото ниво на просечна цена од 14 денари за килограм грозје, а воедно го исплати и дополнителниот бонус за преземеното грозје со екстра квалитет.

-Во зависност од квалитетот на грозјето, кој годинава очекуваме да биде повисок од минатогодишниот, планираме зголемување на откупените количини и до 20%, што е во согласност со нашите планови за зголемување на пласманот на вино, пред се на странските пазари, вели Илиевски.

Дане Јованов, генерален менаџер на винарската визба “Стоби” е согласен дека минатогодишната берба на грозје беше една од најлошите берби во последниве 30 години, а ова особено се однесува за винската сорта Вранец, каде практично целокупниот род беше уништен од превисоката влажност на воздухот, а приносите беа намалени и до 50%.

-Во однос на тековната година, барем досега како што стојат работите, не очекува добра берба. Поучени од грешките од минатата година, заштитата на лозовите насади е навремена и генерално, здраствената состојба на лозовите насади е добра. Единствена опасност која не е помината е евентуалната појава на град, кој и тоа како може да го уништи родот. Меѓутоа, гледано на светлата страна, оваа година немаме појава на температурни екстреми кои негативно влијаат на ароматниот комплекс кај грозјето, а подоцна и во виното, така да ако се задржат поволните климатски услови не очекува добра берба, со добри приноси, вели Јованов.

Стоби минатата година преработи околу 5 милиони килограми винско грозје од сопствени лозови насади.

За разлика од минатата година кога приносите и квалитетот на грозјето беа помали за 50%, лозарите оваа година очекуваат дека ќе биде подобра и од 2013 година кога имаше рекордни приноси и рекорден откуп на грозје од страна на винарските визби. Велат дека иако врнежите од град на почетокот на летото направија мали штети во одредени региони, сепак очекувањата се дека оваа ќе биде плодна година за винската индустрија.

Во Македонија просечните приноси на грозје, според статистиката изнесуваат околу 250 илјади тони.

 

 

 

Оцени ја веста

27.06.2015 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега