Градоначалникот на Крива Паланка даде отчет за сработеното

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски денеска на прес - конференција, пред навршувањето 100 дена од неговиот реизбор на функцијата, даде отчет за сработеното. 

Тој нагласи дека Општина  Крива  Паланка  продолжува со реализација и отпочнување нови проекти од ветената изборна програма  кои ќе значат подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани. Овие месеци, потенцира, граѓаните  на Крива Паланка се сведоци на градежна експанзија.

- Започна  изградба и реконструкција на девет улици и мостот на Куков Дол преку проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со кредит од Светска банка, а преку министерство за финансии на Република Македонија, информира Алексовски. Опфатени се  изградба на делови од улиците  „Горан Стојановски”,  „Климент Охридски”, „Биљинска”, „Наско Тамбурков”, како и изградба на дел од локален пат  „Крива Паланка- село Лозаново” крак 1 и Дивјанска маала.

Градоначалникот на Крива Паланка посочи дека се набавени три градежни  возила за комунални и јавни услуги за јавното претпријатие „Комуналец“  со целокупна опрема со што ќе се подигне квалитетот и нивото на услуги кон граѓаните.

- Се довршува со изградба на административно деловен комплекс на местото на некогашен суд за прекршоци. На врвот на оваа зграда  ќе биде поставен Градски часовник кој ќе има четири страни и кој ќе одзвонува во одредено време. Часовникот е порачан и платен, се чека само на негово поставување и монтирање, изјави Алексовски, додавајќи оти е потпишан и договор за финансирање на проектот „Регулација на Порој Белево - Крива Паланка“  кој опфаќа регулирање на околу 950 метри од Белевски дол и за овој проект  во тек е тендерската постапка.

Меѓу другото, во завршна фаза е асвалтирањето на повеќенаменското игралиште во  склоп на спортскиот комплес во Крива Паланка, а изграден  е  и нов рекреативен парк. Со убава фонтана во населба  Бавчалк каде ќе се користи водата од Пенди вир која досега течеше во Крива река.

Според него, се врши и докомплетирање на внатрешниот простор на Градскиот музеј  во Крива Паланка  со формирање на уметничка галерија  и опремување на истата.

Општина Крива Паланка, информира Алексовски, започна со постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на туристичко развојна зона.

- Оваа туристичко развојна зона ја планираме на Калин камен и на брегот на езерото на новата брана на Злетовица која ја опфаќа територијата на општина Крива Паланка. Со урбанистичко-планската документација за туристичко развојна зона ќе се планираат градби за времено сместување и мали комерцијални и деловни објекти, појасни градоначалникот на Крива Паланка. Во тек е, подвлече, и  изработката  на измени и дополнувања  на ДУП за  дел од урбан блок 11 (локалитет  Кланица до Скрљавски дол. Тој потсети дека Крива  Паланка која е прогласена за Град на културата интензивно работи за да го оправда овој епитет.

- Горди сме на постигнатото, но имаме уште многу идеи и иницијативи кои со  помош  и поддршка на граѓаните ќе ги оствариме, а кои се всушност реализација на изборната програма  на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

најчитано сега