Македонка тргнала во Истанбул со 70 литри ракија

Минатата недела и викендот, царинските службеници открија 2 царински измами и спречија повеќе обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани банкарски чекови, сирење, домашна ракија, текстилни производи, репроматеријали, напиток од црно семе, цигари и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Банкарски чекови
- 14.278 евра во чекови, откриени при контрола на автомобил со турски регистарски таблички управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. На прашање на царинските службеници возачот изјавил дека нема што да пријави за царинска контрола, но при преглед на возилото, во рачна ташна, сместена на совозачкото седиште биле пронајдени 10 чекови со вкупен износ од 22.278 евра и 2.000 евра готови пари. Согласно Законот за девизно работење на возачот му се вратени 10.000 евра (8.000 евра во чекови и 2.000 евра во готово).

Храна и пијалоци
- 81 кг вакумирано бело мешано сирење, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Ново Село. Непријавеното сирење е пронајдено во багажниот простор на возилото, во просторот за резервна гума и страничните подкрила.

- 70 литри домашна ракија, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички што сообраќал на релација Гостивар – Истанбул, пријавен за излез од државата. При контрола на багажниот простор, во две патни торби и една црна кеса, сопственост на патничка во автобусот- македонска државјанка, пронајдени се вкупно 12 шишиња од вода Кожувчанка од 1,5 литри, 20 шишиња од вода Пелистерка од 2,5 литри и 1 шише од Кока-Кола од 2 литри, наполнети со домашна ракија. Шишињата од вода биле замотани со најлонска фолија како да се работи за неотпакувани пакети.

Облека и обувки

- 268 горништа за обувки и 28 пара готови обувки (чевли, чизми, патики, сандали и папучи), откриени од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Куманово, при редовна контрола на фирма од Куманово -имател на одобрение за царинска постапка со економски ефект-увоз за облагородување со систем на одложено плаќање.

При извршената контрола, во магацинот за основен и помошен репроматеријал пронајдена е горенаведената стока за која е утврдено дека не биле заведени во листите за евиденција на залиха на основен и помошен матеијал и готови производи. Одговорните лица на фирмата не доставиле документација за статусот на стоката.

- 176 готови текстилни производи (фустани, блузи, панталони и чанти), откриени од страна на мобилните царински тимови во соработка со мобилните полициски тимови при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички,, извршена на патниот правец Ново Село – Струмица. Текстилните производи за кои возачот-македонски државјанин не поседувал документи за потекло и платени царински давачки се пронајдени во повеќе црни кеси сместени позади седиштата, на задното седиште и во багажниот простор на возилото.

- 75 готови текстилни производи (женски блузи, фустани, сукњи, женски кошули и панталони), откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената стока е пронајдена во повеќе кеси сместени под предните седишта и во багажниот простор на возилото.

- 37 готови текстилни производи (маици и блузи), откриени при контрола на патните торби на македонска државјанка, патничка во автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.

Друго

- 30 литри (300 шишиња од 100 мл) течност од црно семе и мед и 2 кг црно семе, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул.

- 17 штеки цигари Lycks strike, Davidoff и West, од кои 12 штеки без контролни маркички и 5 штеки со турски контролни маркички, откриени при контрола на возило со германски регистарски таблички, управувано од германски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари биле сокриени под задното седиште и под багажникот на возилото.

Фалсификати

- 3 мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Пошта Скопје при контрола на три поштенски пратки наменети за двајца примачи од Битола и еден примач од Струмица.

Царинска измама

- Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница - Гевгелија откри повеќе неправилности кај фирма за преработка на текстил од Неготино. Изготвени се 28 записници за царински прекршоци. При контрола фирмата, имател на одобрение за постапки со економски ефект-систем на одложено плаќање на давачки, констатирано е дека за 28 декларации не била водена уредна евиденција и не може да се идентификува стоката која била оцаринета со истите. Изречени се 28 мандатни казни со вкупен износ од околу 517 илјади денари.

- На царинската испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување на плаќање царински давачки со погрешно тарифирање на стоката.

Фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење препарат за забрзување на зреењето на овошјето, деклариран во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 5% и стапка за ДДВ 18%. Поради сомневање во правилното распоредување на стоката, царинските службеници зедоа мостра и ја испратија во царинската лабораторија. По извршените проверки утврдено е дека стоката треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, за која е предвидена дозвола за увоз и пропишани стапка за царински давачки од 10%, стапка за ДДВ од 18% и акциза за алхохоли. Врз основа на новоутврдената состојба биле пресметани дополнителни давачки во износ од околу 85 илјади денари.

(Интегрален текст од соопштение испратено од Царинската управа на Македонија)

најчитано сега