Пет понудувачи доставија понуди за вршење дијализа
Пет понудувачи доставија понуди по огласот за доделување лиценца за вршење здравствена дејност-дијализа со вклучени специјалистичко-консултативни прегледи во мрежата на здравствени установи по јавниот повик што на 27 мај го распиша Министерството за здравство. Тендерска комисија при Министерството денеска ги отвори понудите доставени од страна на понудувачите.
Понуди доставија Метрополитен ДООЕЛ Скопје, АД Д-р Пановски, ОРКА Холдинг АД Скопје, СИЗ Вита дијализен центар - Тетово и Фрезениус Medical Care.
Четворица понудувачи (Метрополитен ДООЕЛ Скопје, АД Д-р Пановски, ОРКА Холдинг АД Скопје,Фрезениус Medical Care) се заинтересирани за сите четири реони кои се предмет на лиценца за вршење здравствена дејност дијализа во мрежа на здравствени установи во Македонија. Тие доставија исти цени за месечен надомест за вршење здравствена дејност во мрежа на здравствени установи во Република Македонија. Понудувачот СИЗ Вита дијализен центар-Тетово е заинтересиран само за вториот реон.
Предмет на лиценца е вршење здравствена дејност дијализа во мрежа на здравствени установи во Македонија, во четири реони и тоа: Реон 1: седум лиценци од кои по една за Североисточен регион со седиште во Крива Паланка и во Куманово, по една лиценца за Источен регион со седиште во Делчево и во Кочани, по една лиценца за Југоисточен регион со седиште во Гевгелија и во Струмица и една лиценца за Источен регион со седиште во Штип; Реон 2: пет лиценци од кои по една за Полошкиот регион со седиште во Тетово и во Гостивар, по една лиценца за Југозападен регион со седиште во Дебар, Струга и Кичево; Реон 3: пет лиценци од кои по една во Пелагониски регион со седиште во Прилеп и во Битола, по една лиценца за Вардарски регион со седиште во Велес и во Кавадарци, и една лиценца за Југозападен регион со седиште во Охрид; Реон 4: eдна лиценца за Скопскиот регион со седиште во Скопје.
Тендеренската комисија ќе изготви записник од денешното јавно отворање на понуди и ќе изврши нивна евалуација по што ќе следи јавно наддавање.
Министерството за здравство го распиша јавниот повик за доделување лиценци за вршење здравствена дејност дијализа со цел подигнување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги од областа на дијализа за населението.
FOTO> Nova Tv