Евтините авиолетови го зголемија бројот на патници на македонските аеродроми - каде се патува најчесто?
Евтините авионски летови го зголемија бројот на патници на македонските аеродроми. Расте бројот на резервации за летовите на нискотарифните компании, се зголемија и можностите за патување. Почетокот на летото ги стави во понудата од Скопје и Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридрихсхафен, што веднаш ја зголеми фрекфенцијата на аеродромот „Александар Велики“. Во зависност од времето на резервирање на билетот варира и цената, но оние кои имаат јасен план за своето патување можат да поминат со минимални трошоци, пишува Лидер.
-Воодушевени сме што имаме пет нови линии, со што вкупниот број авиолинии на „Визер“ од Скопје достига 19. Со цени кои почнуваат од 599 денари, се надеваме дека ќе превезуваме многу патници, вели портпаролот на унгарската компанија, Даниел де Карваљо.
Истанбул, Виена, Цирих се дестинациите до кои најмногу се патува, но нискотарифните компании со Лондон, Базел, Малме, Дубаи стануваат сè поатрактивни, што го покажува и бројот на продадени билети.
Унгарски „Визер“, компанијата која што е субвенционирана од нашата Влада со цел ширење на мрежата дестинации, веќе превезува половина од вкупниот број патници.
-Со воведувањето нови авиолинии создадовме можност, преку достапни цени на авиобилетите, да се посетуваат најпосакуваните и најатрактивните градови во Европа. Граѓаните со евтини билети можат полесно да патуваат, што е во функција на развојот на економијата, образованието, културата, здравството, туризмот, вели министерот за транспорт Владо Мисајловски.
Бројките потврда за оправданоста на субвенциите
Субвенциите за отворање нови дестинации по конкурентни цени за македонските граѓани се покажаа како правилен потег. Расте бројот на патници и само прашање на време е кога ќе се стигне до два милиона патници годишно.
-Генерално сум задоволен како се зголемува бројот на патници. Во првите пет месеци од годината се превезени 506.000 луѓе, што претставува зголемување од 17% во однос на минатата година. Останува предизвикот, бројката од 1.278.000 патници кои лани минаа низ македонските аеродроми, годинава да ја натфрлиме со помош на новите линии, смета првиот човек на Министерството за транспорт.
На иста линија со властите е и концесионерот на македонските аеродроми, турски ТАВ.
-Откога ТАВ раководи со двата аеродрома во Република Македонија имаме големо зголемување на бројот на патници и на авиооперации. За 5 години растот изнесува 75%, што на крајот доведе до тоа, лани да ја натфрлиме бројката од милион патници. Со новите дестинации очекуваме растот на надмине 20%, вели првиот човек на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.
Охрид го сефтоса Базел!
Охрид ја сефтоа и новата линија до Базел. Воспоставена е директна врска во текот на целата година. Минатава недела пристигнаа и првите 179 патници од Швајцарија.
-Оваа линија е преку целата година, а Базел е втор град во Швајцарија што се опслужува од Охрид и е познат како центар во кој живеат и многу печалбари од охридско-струшкиот регион, вели Крстевски, и додава дека новата линија ќе биде во корист и на туризмот и на развојот на бизнисот во овој регион.
Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ веќе се поврза и со лондонски „Лутон“. На релација Охрид – Лондон се лета двапати неделно во текот на летната сезона, секоја среда и секоја недела до 13 септември. Операторот со македонските аеродроми очекува зголемен сообраќај на „Св. Апостол Павле“ во летната сезона, бидејќи освен новите линии се реализираат и чартер – летови од Холандија, Австрија, Швајцарија и од Белгија.
Македонија разви нова мрежа на дестинации
Во летниот ред на летање, кој важи до 24 октомври 2015-та година, на располагање се ставени следниве дестинации: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дизелдорф, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрисхафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Сплит, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб и Цирих.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа