Груевски на средби и со претседателот и со премиерот на Кина
Премиерот Никола Груевски денеска во Пекинг, во рамки на неговата посета на Народна Република Кина, ќе оствари средба со претседателот на државата Си Џипинг и со премиерот Ли Кечианг.
Утре, предвидено е македонскиот владин тим на чело со премиерот Груевски, да присуствува и да се обрати на Конференцијата за соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа што ќе се одржи во градот Чонгкинг. Станува збор за иницијатива поттикната од кинеската Влада, а организирана од кинеското Министерство за надворешни работи и локалната самоуправа на Чонгкинг чија цел е интензивирање на економската и политичката соработка на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.
Премиерот Груевски и владината делегација составена од министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, ќе остварат и повеќе поединечни средби со претставници на кинески компании од различни сектори кои се потенцијални инвеститори во нашата земја.
Груевски вчера, во интервју за најголемата и најгледаната кинеска телевизија CCTV, ги повика кинеските компании да инвестираат во Македонија, посочувајќи дека нивните инвестиции се добредојдени во нашата држава која може да ја искористат како поволна позиција и порта за инвестиции, производство и продажба на производи на европскиот пазар. Ја истакна и поволната отворена опција за можност за креирање специјализирана технолошко-индустриска развојна зона наменета само за кинески компании кои се заинтересирани да инвестираат во нашата земја и оттука да го покриваат европскиот пазар.