Трансакцијата за спојувањето на Вип и ОНЕ ќе заврши до крајот на годината
Целосното затворање на трансакцијата за спојување на Вип оператор и ОНЕ во Македонија, како подружници на Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словенија, се очекува во последниот квартал од оваа година.
Извршниот директор на ВИП, Никола Љушев вели дека ги чека долг процес со бројни предизвици и дека очекува да се исполнат преземените обврски за овозможување услови за услуги на нови виртуелни мрежни оператори.
Како што посочува веќе преговараат со одредени компании, а според преземените обврски треба да се овозможат услови три месеци по затворање на трансакцијата и да профункционираат девет месеци по завршување на овој процес.
Бенефит од спојувањето на двете компании во Македонија, според него ќе имаат и граѓаните и економијата и државата.
За корисниците ќе бидат понудени поконкурентни производи и услуги, а за државата ќе има посилна компанија со поголем профит.
Спојувањето придонесува новата компанија да се доближи до сегашната водечка компанија на македонскиот пазар Т-Хоме.
Спојувањето на двете компании беше одобрено вчера од Комисијата за заштита на конкуренцијата. На 22 октомври 2014 година, Телеком Австрија Групацијата објави дека е постигнат договор со Телеком Словеније Груп да се спојат нивните подружници Вип оператор и ОНЕ кои работат во Република Македонија. Телеком Австрија Групацијата ќе поседува 55 отсто и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија, додека Телеком Словеније Груп ќе поседува 45 отсто од сопственоста. Покрај тоа, договорот вклучува и опции за излез на Телеком Словеније Груп од заедничката инвестиција во рок од три години од завршувањето на спојувањето.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа