Системските проблемите сеуште се санираат - сепак ви треба хартиен рецепт за да купите лекови

Фондот за здравствено осигурување издал инструкции до аптеките, до јавните и приватните здравствени установи, како и до своите подрачни единици од денеска да продолжат со работа како до 30 јуни, откако вчера се појавија проблеми со системот за издавање лекови и за закажување прегледи од страна на матичните лекари.

Директорот на ФЗОМ Јован Грповски денеска на прес-конференција соопшти дека инструкциите се испратени вчера попладне и оти на состанок со програмерските куќи што ги изработиле системите биле договорени конкретни чекори за надминување на проблемите.   

- До 30 јуни беше пробен период кога важеа и двата - електронскиот рецепт и хартиениот, и во тој период сите виртуелни тестирања на системот поминаат беспрекорно и токму затоа се донесе одлука на 1 јули да започне елетронскиот систем, рече тој.

Претпладнето денеска некои матични лекари имале проблеми со издавање на е-упатувањата, но според Грповски, проблемот бил отстранет.  

- Изутринава имаше проблеми со два провајдери, тој проблем се отстрани. Матични лекари кои користат системи од два провајдери имаат проблем со е-упатувањето, но проблемот се острани, вели тој. Матичните лекари кои имаат проблем со издавање упат или закажување на преглед на пациенти треба да се јават телефонски во Министерството за здравство и да го извршат закажувањето, а рачно да го запишат идентификацискиот број на упатот.

По појавувањето на проблемите, откако Министерството за здравство го лансираше гломазниот систем, Грповски вели дека имало многу поплаки, но оти претставници на ФЗОМ, на Факултетот за информатички науики и технологии и Државниот здравствен инспекторат биле на терен и постојано реагирале.

- Во оној момент кога се утврди дека имавме проблем со издавањето на лекови веднаш региравме и им се даде насока на аптеките да почат да ги примаат и хартиените аптеки така што во некој кратки периоди имаше таков недостаток.

Околу 400.000 граѓани кои немаа поднесено барање за здравствена електронска картичка, мора да одат во подрачните единици на ФЗОМ и пред да добијат сини картони да поднесат барање за добивање ваква картичка.

Џемали Мехази, исто така директор во ФЗОМ, истакна дека сите граѓаните кои имаат здравствени електронски картички редовно ќе бидат услужени во здравствените установи, а оние кои имаат поднесено барање до добивањето на картичката како и досега ќе земаат сини картони и нормално ќе бидат услужени.

Грповски, пак, посочува дека издавањето здравстени електронски картички никогаш нема да прекине имајќи предвид дека ќе се раѓаат нови луѓе, некои луѓе можеби и ќе ги изгубат... - Секогаш ќе има потреба да се поднесуваат барања. Но рокот на издавање на сините картони континуирано на сите осигуреници беше до 30 јуни и тоа го задржуваме, вели Грповски.

Досега се поднесени над милион и 200 илјади барања за издавање на електронските здравствени картички, а дистрибуирани се приближно 600 илјади.  

- Капацитетот на фирмата што ги изработува картичките е 100 до 120.000 месечно. Досега имаме приближно дистрибуирано околу 600.000 картички, другите доаѓаат. Направивме договор со нив веќе да не ни ги доставуваат во еден блок месечно од 100.000 туку во помали пакети за дистрибуцијата да биде побрза, Дневно се менува состојбата, изјави Грповски. 

најчитано сега