Усвоен ребалансот на буџетот за 2015, буџетските приходи подобри од очекувањата
Владата на денешната седница го усвои ребалансот на буџетот за 2015 година, информираше денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Се работи за измена која не е голема по обем и која вклучува поместување на позициите таму каде политиките, мерките и проектите на Владата го налагаат тоа без да ги измести основните макроекономски параметри.
- Ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ни еден буџетски корисник, туку претставува поместување на одредени позиции таму кадешто поради одредени политики, мерки и активности треба да се додадат средства или кадешто проектите се одвиваат подобро од што првично сме планирале. Појдовните претпоставки за изработка на ребалансот вклучуваат и ревидирање на проекциите за БДП и за движењето на приходната и расходната страна, рече Ставрески, нагласувајќи дека БДП за 2015 година е ревидиран на 3,5 процентен раст, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,6 проценти од БДП.
Тој посочи дека Буџетот во првата половина од годинава е во добра кондиција и додаде дека на приходната страна буџетските приходи се подобри од очекувањата и подобри од планираните.
- За околу 14 проценти се повисоки буџетските приходи во однос на истиот период од 2014 година што во однос на планираното е некаде околу 6 проценти поени повеќе прибрани буџетски приходи отколку што се планираше за првите шест месеци од оваа година, рече Ставрески.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа