Груевски во два дена со активности за две фабрики со 4.000 вработувања
Во само два дена, премиерот Никола Груевски имаше активности поврзани со две странски компаниии кои ќе инвестираат во земјава и кои ќе понудат работа за 4.000 лица. Двете американски компании, Key Safety Systems (KSS) и корпорацијата ЛЕАР во средата односно вчера инфомираа за реализација на своите инвестиции во Кичево и полошкиот регион. До крајот на годината само во овие две фабрики ќе се вработат 500 лица. Груевски нагласи дека Владата ќе продолжи со активности за нови инвеститори и нови работни места.
Во средата, премиерот Груевски ја посети ТИРЗ Кичево, каде во тек е изградбата на фабриката на американската компанија „Ки Сејфти Системс“ (КСС). Оваа американска компанија се занимава со производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника и има 34 фабрики во 12 земји. Во Македонија стартуваше со браунфилд инвестиција во центарот на Кичево, каде моментно работат 72 лица, а се очекува новиот објект да биде готов до крајот на октомври годинава.
- Девет полни години траеа преговорите со оваа компанија и денеска со посебно задоволство можам да констатирам дека во Кичево, по долг застој, успеавме да донесеме компанија со светско реноме, која во наредниве две години ќе вработи околу 1.000 лица. Тоа е од големо значење за жителите на Кичево и општо за локалната економија, особено затоа што покрај директни ќе има и многу индиректни вработувања, рече премиерот Груевски.
Премиерот изрази задоволство од реализацијата на оваа инвестиција, бидејќи како што рече, привлече уште две инвестиции кои се нивни добавувачи на опрема и кои донеле одлука да инвестираат во Република Македонија.
Ден подоцна, односно вчера, Американската ЛЕАР корпорација од областа на автомобилската индустрија со Владата на Република Македонија потпиша договор за реализирање на инвестицијата вредна над 18 милиони долари која ќе обезбеди 3.000 работни места во индустриската зона во Тетово.
Премиерот Груевски, кој присуствуваше на потпишувањето, нагласи дека инвестицијата на оваа компанија во Македонија е само потврда за напорите на Владата за влез на што повеќе странски инвестиции во земјава. Премиерот посочи дека покрај директните 3.000 вработувања, ќе има голем број индиректни, што значи сериозно апсорбирање на лицата кои се невработени од полошкиот регион.
-Ова е особено значајно за полошкиот регион кој во минатото беше познат по текстилната индустрија и кој има голем број луѓе без работа, а кои имаат квалификации во оваа струка. Оваа инвестиција е уште една потврда за нашата работа и за нашите напори да донесеме што повеќе инвестиции во Македонија и да отвориме што повеќе работни места. Со таква работа ќе продолжиме и во наредниот период, рече Груевски.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска изјави дека овие две фабрики ќе имаат значајно позитивно влијание во локалниот економски развој, во кичевско и во полошкиот регион.
- Ќе имаат и позитивно влијание на националните макроекономски индикатори, но она што е особено важно за нас е процесот на вработување, на креирање на нови работни места и ангажман на работна сила во рамките на фабриките кои ќе бидат воспоставени, изјави Ѓорѓиев.
Портпаролот на Владата нагласи дека особено важно е тоа што во целиот овој период, и додека се градат гринфилд капацитетите, овие компании ангажираат работна сила, односно процесот на вработување е активен.
-Се очекува до крајот на годината, без разлика што гринфилд капацитетите нема да бидат се уште изградени, ќе бидат работно ангажирани во овие две фабрики 500 лица, 300 во КСС и 200 во Леар Корпорација, а согласно нивните планови до крајот на 2016, само во овие две фабрки ќе бидат вработени над 1.700 лица што е многу позитивна вест за овој регион и отвора можности за вработување на лицата кои таму живеат и да ја остваруваат својата егзистенција, рече Ѓорѓиев.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа