Собранието во четврток ќе расправа за ребалансот на буџетот
Во четврток ќе се одржи расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2015 година.
Целта на ребалансот е да се обезбеди засилена развојна компонента и да се задржи социјалната стабилност, а предвидени се средства за зголемување на студентските стипендии, социјалната помош, како и за најавеното зголемување на пензиите во октомври.
Седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет на која на дневен ред е Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2015 година, е закажана за четврток, 23 јули, откако Владата го усвои предложениот ребаланс. Причината за ребалансот на буџетот се вишокот на средства од над 10 милијарди денари на приходната страна во првите шест месеци од тековната година во однос на претходната година.
„Ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ни еден буџетски корисник, туку претставува поместување на одредени позиции таму каде поради одредени политики, мерки и активности треба да се додадат средства или каде проектите се одвиваат подобро од што првично се планирале. Појдовните претпоставки за изработка на ребалансот вклучуваат и ревидирање на проекциите за БДП и за движењето на приходната и расходната страна“, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по усвојувањето на ребалансот од страна на Владата.
За повеќе проекти се издвојуваат дополнителни 1,2 милијарди денари. Дополнителни 370 милиони денари се предвидени за забрзување на изградбата на гасоводот Клечовце – Штип. Дополнителни 377 милиони денари се планирани за изгрдба на водоводи и канализации. Нови 220 милиони денари за изгрдба на училишта и спортски сали во училиштата. Дополнителни средства ќе има и за реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Бруто домашниот производ оваа година е ревидиран на 3,5 процентен раст, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,6 проценти од БДП. Приходите се повисоки за околу 14 отсто во однос на тој период 2014 година, а во однос на планираните за 6 отсто.
По предложениот ребаланс од четврток ќе се расправа и во Законодавно-правната комисија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа