Претседателот Иванов со честитка за Денот на независноста на САД

Денеска претседателот Ѓорге Иванов по повод 4 Јули - Денот на независноста на САД, испрати честитка до американскиот претседател Барак Обама.

- Во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија Ви посакам Вам и на пријателскиот американски народ, среќен 4 Јули. Остварувањето на неотуѓивите права „живот, слобода и потрага по среќа“, стана инспирација за многу генерации, ширум целиот свет, да ги бараат и да ги остваруваат овие права, се вели во честитката од претседателот Иванов.

Во честитката претседателов исто така го искажува своето задоволство од досегашното ниво на македонско-американските односи.

- Потсетувајќи се на мислата на Абрахам Линколн дека „секоја куќа поделена против себе не може да опстане“, би сакал да Ве уверам, господине претседателе, дека Република Македонија, нејзиниот народ и натаму остануваат посветени на партнерството со Вашата голема нација, партнерство за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот. Инспирирани од овие споделени вредности, остануваме сосредоточени за постигнување на целта – Македонија како рамноправна членка на европското и евроатлантското братство на народи. Ја користам оваа можност, господине претседателе, да Ви се заблагодарам за континуираната поддршка за исполнување на нашите стратешки цели, но и да искажам увереност дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за доброто на нашите деца, стои во честитката од претседателот Иванов.

најчитано сега