Бум на пазарот на недвижности

 

Бум на пазарот на недвижности. Во првата половина од годинава е регистрирана зголемена активност во сите сегменти. Бројот на продажби во делот на становите пораснал за 30,5 проценти во однос на втората половина одминатата година – покажуваат анализите на консултантската агенција за недвижности „Фортон Македонија“, пишува Лидер.

Причините за растот се лоцираат на две места. Прво, цените се на најниското ниво во последните 10 години. Второ, банките значително ги намалија каматните стапки на депозитите, со што станува сè поатрактивно да се инвестира во станови. Просечната цена, според истражувањето на Фортон, се позиционирала на 979 евра за квадратен метар. 

Купувачите при носењето на одлуката за новото живеалиште во прв ред се водат од цената, а дури потоа во игра влегуваат локацијата, функционалноста на станот и квалитетот на градбата.

-Нашите очекувања се дека цените на пазарот на резиденцијалниот простор ќе останат стабилни и во претстојниот период. Се очекува банките дополнително да ја зголемат конкуренцијата на пазарот на станбени кредити со понудата на ниски каматни стапки. До крајот на 2016-та година очекуваме на пазарот да се испорачаат 4.392 нови станбени единици. Поголемиот дел, речиси 70 отсто од новата понуда ќе биде во општина Аеродром, општина Карпош и во општина Центар” – оценува генералниот директор на „Фортон Македонија, Влатко Богоевски.

Градежните компании бележат позитивни резултати од работењето. Продажбата и реализираните трансакции се зголемени, па оттука и бројот на непродадените станови се намалил на ниво од 36 проценти.

Од „Фортон Македонија“ велат дека за дополнително намалување на цената на становите е потребно да се зголеми конкуренцијата меѓу градежните компании.

-Во секторот на недвижностите недостасуваат странски инвеститори. Локалните се многу активни, но недостасуваат странки, порачува Богоевски.

Повластената стапка – гарант за атрактивна цена

Владата повторно го слушна гласот на бизнисот. Повластената стапка на ДДВ од 5 проценти за изградба и за првиот промет на станови продолжува да важи и во наредните 3 години, до крајот на 2018-та година. Градежниот сектор очекува со ова да продолжат позитивните трендови и да се задржат конкурентните цени на пазарот на недвижности.

-Ова претставува заеднички успех со Министерството за финансии. Градежните компании едногласно констатираа дека оваа мерка за продолжување на повластената стапка од 5% и во наредните 3 години ќе придонесе за стабилен раст во овој сектор. Не се работи само за градежните компании, бијдеќи градежништвото е поврзано со уште 26 други гранки, кои растат заедно со градежништвото,  објаснува претседателот на градежната комора при ССК, Роберт Хот.

Предлогот на Владата треба да го мине филтерот на Законодавниот дом до крајот на месецов.

-Владата имаше слух за барањето на градежниците. Ова ќе овозможи натамошна градежна експанзија во делот на изградбата на станови и пониски цени на становите. Оваа мерка од крајот на 2009-та година резултираше со значителна изградба на станови во Република Македонија. На страната на побарувачката, Владата помогна и со проектот „Купи куќа, купи стан“. Досега со 3,8 милиони евра субвенции од Владата се дадени станбени кредити од 20 милиони луѓе, со што се овозможи 620 семејства да го решат станбеното прашање, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Повластената даночна стапка е главен мотиватор на инвеститорите за нови деловни потфати во градежништвото, а показател за ова е фактот што никнуваат цели станбени комплекси. Ова го поттикна и населението, па во последните пет години, искористени се станбени кредити со вкупна вредност од околу 186 милиони евра.

Градежната оператива работи со полна пареа

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека деловните субјекти кои се бават со градежна дејност во 2014-та година работеле вкупно на 1.734 објекти, а завршиле вкупно 1.772 станови со вкупна површина од 122.332 квадратни метри. Просечната корисна површина на завршените станови изнесува 69 квадратни метри. Најмногу се градело во Скопје, па следуваат Вардарскиот и Пелагонискиот регион.

Инвеститорите отворија работа за деловните центри

Освен бумот на резиденцијалниот пазар, значително раздвижување се регистрира и во бизнисот за наем на деловни простории. Побарувачката е зголемена за фантастични 90 проценти, а ако се анализираат податоците се доаѓа до заклучок дека ова е резултат на зголемените деловни активности.

-За изнајмување на деловен простор биле заинтересирани најмногу ИТ и аутсорсинг компаниите. Цените во овој сегмент се без измени и за бизнис центрите на примарни локации останаа на нивото од 12 до 14,5 евра, покажува анализата на Фортон.

Првиот човек на консултантската агенција вели дека растот ќе бил уште поголем ако не се случеше политичката криза во земјава, бидејќи дел од странските компании ги одложиле инвестициските одлуки. Сепак, во претстојниот период се очекува растот да продолжи, особено кај деловниот простор од прва класа.

-Зголемен е интересот од страна на локални инвеститори за партнерство со меѓународни компании за инвестирање во проекти „уреден простор за своите потреби”. Тука влегуваат и проекти за реструктуирање, трансформација и реновирање на нефункционални малопродажни простори во деловен простор, велат од Фортон.

 

 

Оцени ја веста

29.07.2015 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега