Владата се бори за секое работно место: Со новата инвестиција до 1.000 нови вработувања
Владата продолжува да се бори за секое ново работно место. Денес беше потпишан договор со компанијата ОДВ Електрик, која планира инвестиција од 15 милиони евра и етапно вработување на 1000 лица.
Големата европска компанија за производство од автомобилската индустрија веќе постои како инвестиција во Македонија и во Охрид веќе има вработено повеќе од 130 лица.
До крајот на годинава бројот на вработени ќе достигне 150, а етапно вкупно ќе вработи 1000 македонски граѓани.
Премиерот Никола Груевски истакна дека бројката на вработени е многу важна, особено за Струга, Охрид и околните населени места, а новиот објект ќе го градат во Струга.
-Владата на Република Македонија и државните институции ќе останат голем партнер на челниците на оваа, како и на сите други компании заинтересирани да инвестираат во Македонија. Остануваме посветени на нови инвестиции, отворање на нови работни места, креирање на одлични услови за инвестирање и создавање на поволна бизнис клима, истакна премиерот.
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, истакна дека со челниците на компанијата тој и премиерот оствариле средби на владиното роуд шоу во Штутгарт.
-Десет дена потоа претставници од компанијата дојдоа во Македонија и со нас поминаа низ технолошко-индустриските зони за лично да ги погледнат можностите за инвестирање. За две недели ќе започнат со изградба на нов капацитет, а до средината на 2016 година се очекува објектот да стане функционален и да започнат со работа, истакна Мизо.
Челниците на ОДВ Електрик разгледувале повеќе држави како опции за своја нова инвестиција.
Меѓу сите нив ја избрале Македонија бидејќи, како што посочуваат, претставниците на македонската влада точно знаат што очекуваат инвеститорите и што им е потребно.
-Организацијата на чело со Виктор Мизо во текот на целиот процес не поддржуваше и соработуваше со нас, па постигнавме резултати подобри од во која било друга земја. Брзиот почеток на работата во веќе постоечки објект и планот за почеток во нова локација не ни беа понудени во ниту една друга земја, истакна Лудвиг Батон, извршен директор на ОДВ Електрик.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа