„Јас, Вие и Нимиц да го решаваме спорот“ - еве што му пишал Груевски на Самарас

 

Mакедонскиот премиер Никола Груевски минатата недела испратил писмо до грчкиот премиер, Андонис Самарас, во кое му предлага начини за надминување на застојот во разговорите за разликите за името на нашата држава, објави весникот „Дневник“.

Да се видиме уште оваа седмица, нагласил Груевски во писмото, пренесува Дневник. Според весникот, во писмото на премиерот се предлага нешто што е многу посуштинско од досегашните средби меѓу премиерите на двете држави. 

Груевски, според Дневник, предложил создавање тимови преводени од премиерите лично, во кои веројатно би биле вклучени и министрите за надворешни работи на двете земји, а кои во интензивни разговори заедно со медијаторот Метју Нимиц би барале решение за спорот со името.

Двете земји имаат одлични економски и меѓучовечки односи, напишал Груевски, и Македонија е цврсто решена тие односи да ги негува и да ги унапредува вклучувајќи го тука и остварувањето заеднички проекти. За сето тоа да се унапреди, потребно е да се надминат и разликите што ги оптоваруваат односите меѓу двете држави.

-Република Македонија ја цени заложбата на Грција од 2003 година целиот Балкан да стане дел од ЕУ, а во таа смисла и денес сака нашиот јужен сосед не само да го поддржи отпочувањето на пристапните преговори со ЕУ туку и да биде партнер во тие преговори. Пречка за тоа, како што истакнал Груевски, е спорот за името каде што Грција ја има силата на член на ЕУ и на НАТО, а Македонија силата на меѓународното право. Спорот треба да се надмине, а од него полза би имале и двете држави. За таа цел Груевски му предложил на Самарас двете држави да создадат тимови, на чело со самите премиери, кои заедно со Нимиц, односно под покровителство на медијаторот, целосно би се посветиле на изнаоѓање решение. Груевски во таа смисла дополнително предложил средба меѓу него и Самарас уште во текот на наредната недела, на место и во време што грчкиот премиер би ги избрал.Надминувањето на единствениот спор меѓу двете држави, навел премиерот Груевски, е приоритет на Република Македонија. Поради тоа, смета тој, потребно е двете страни да се заложат за фокусирање на напорите во државите кон надминување на таа единствена пречка во односите меѓу Република Македонија и Република Грција, со што би се надминала и единствената пречка во пристапувањето на РМ кон ЕУ, пишува Дневник.

НАшата држава настојува, напишал Груевски, пренесува весникот, токму Грција да ја поддржува во тој процес. Груевски смета дека тоа ќе значи долгорочен напредок за целиот регион, оценувајќи дека стартот на преговорите со ЕУ би ја подобрила климата и би довел до целосно затворање на проблемот со името. Затоа, напишал Груевски, потребни се интензивни политички разговори на двајцата премиери, во кои веројатно би биле вклучени и министрите за надворешни работи, а се разбира, и тимовите формирани за таа намена, пренесува Дневник. Сето тоа, врз основа на согледувања што ги има медијаторот Нимиц, заклучил Груевски во писмото до Самарас, нуди многу поголема суштина од сите досегашни своевремени кафе-средби додека премиер на Грција беше Папандреу и кои требаше да значат некакво кршење на мразот меѓу политичките раководства на Република Македонија и Република Грција.

Дневник објавува дека сеуште нема одговор од грчка страна на писмото кое Груевски го испратил пред неколку дена.

- Оваа е досега најконкретна понуда од македонска страна за пронаоѓање некаков начин преку кој би се решавал спорот. Груевски нуди целиот тој процес да не излезе од рамките на ООН и со Метју Нимиц, но истовремено да биде подигнато нивото и да биде воден од самите премиери на двете држави, а ако е тоа потребно, и со нивни интензивни средби, во време и на место по избор на грчката страна. Од содржината на писмото јасно е дека тоа истовремено е и порака дека Република Македонија не отстапува од зачленувањето во двете структури, но и дека нашата земја не е таа што го кочи решавањето на спорот. Оттука нема потреба земјата да се држи надвор од НАТО и надвор од преговорите со ЕУ, пишува Дневник.

најчитано сега