Бригадниот генерал Димче Петровски на состанок на СЕДМ во Грузија
Бригадниот генерал Димче Петровски заедно со македонска делегација денеска присуствуваше на состанокот на заменици началници на ГШ вово Батуми, Грузија во рамки на процесот за соработка меѓу министрите за одбрана во Југоисточна Европа - СЕДМ.
Беше разговарано за активностите на СЕЕБРИГ и останатите проекти во рамки на СЕДМ иницијативата. Потенцирана е важноста од изработка на СЕДМ Стратегискиот преглед, пречистување на текстот од Договорот за формирање на СЕЕБРИГ и дополнителните протоколи и изнаоѓање на решение за новата локација на Штабот на Бригадата по 2015 година.
Петковски изјави дека Македонија дава исклучителен придонес кон градењето на регионалната соработка и оти е активен учесник во сите регионални иницијативи кои промовираат зајакнување на соработката помеѓу земјите од регионот.
СЕДМ претставува процес на соработка меѓу министерствата за одбрана на Македонија, Италија, Грција, Албанија, Бугарија, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, САД, Украина и две земји набљудувачи - Молдавија и Грузија. Целта на процесот е јакнење на политичко-воената соработка и подобрување на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа (ЈИЕ).
Како најзначаен проект на СЕДМ функционира Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) која е составена од седум држави членки: Македонија, Албанија, Турција, Грција, Италија, Бугарија и Романија. Локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е воспоставена на четиригодишна ротациона основа, и за период од јуни 2011 до јуни 2015 таа е сместена во Лариса, Грција. Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира меѓу земјите членки во времетраење од две години. Во моментот, Командант на Бригадата е бригадниот генерал Здравко Поповски од Република Македонија (2011 – 2013).