Македонски „леопарди“ одат во Авганистан

 

 

Во касарната „Чеде Филипоски - Даме“ во Кичево денеска ќе се одржи свеченост по повод испраќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) кој учествува во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Во петнаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во Авганистан, во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, ќе заминат 156 припадници на АРМ. Контингентот на АРМ го сочинуваат 149 припадници на четата, заедно со најстариот национален претставник, еден штабен офицер во командата на ИСАФ и пет припадници на АРМ кои ќе бидат распоредени во составот на НСПС (наменски сили за партнерство и советување) за поддршка на третата бригада од 209-тиот корпус на Авганистанската национална полиција.

„Леопардите“ од 1.мпбр во наредните шест месеци ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.

За досегашното професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, изминативе години во континуитет добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.

На свеченоста ќе присуствуваат министерот за одбрана Талат Џафери, заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал мајор Насер Сејдини, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Методија Величковски, командантот на 1.мпбр бригадниот генерал Стојан Димчов, претставници од МО и ГШ на АРМ, од локалната самоуправа и роднини на припадниците од контингентот.

ФОТО: А1Он

најчитано сега