Бренгелман: Членството на Македонија во НАТО ќе донесе стабилност во регионот
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се сретма со помошникот на генералниот секретар на НАТО, Дирк Бренгелман, информираат од македонското Собрание.
-Претседателот Вељаноски го запозна соговорникот со актуелните политички случувања во Република Македонија, со огромната заинтересираност на граѓаните за членството во НАТО и посветеноста на институциите во остварувањето на тој интерес. Вељаноски потенцираше дека и покрај негативниот исход во Букурешт во 2008 година Република Македонија останува посветена на интегрирањето во НАТО алијансата, исполнувајќи ги сите обврски како да е членка на организацијата и реализирајќи ги реформите кои се значајни пред се за граѓаните на нашата државата, стои во соопштението од Собранието.
Претседателот Вељаноски констатирал дека во Република Македонија некои работи се случуваат со посилен интензитет како резултат на притисокот на јавноста за што поскоро интегрирање на државата во ЕУ и НАТО и дека тој притисок ги обврзува политичарите на уште поголем анганжман и посветеност во делувањето кон поскоро евро-атлантско интегрирање, што би претставувало добробид не само за државата, туку и за регионот и за Европа во целост. Вељаноски изразил убеденост дека евро-атлантското интегрирање на Република Македонија би овозможило затворање на дневно-политичките и безбедносните прашања за сметка на посветеност на економското унапредување на земјата.
Бренгелман изразил задоволство од можноста за средба со претседателот на македонското Собрание, изразувајќи разбирање за фрустрацијата која ја чувствува Република Македонија по Самитот во 2008 година и недобивањето на членството во Алијансата. Тој потенцирал дека членството на Република Македонија во НАТО би значело обезбедување на стабилност во регионот, но и во Европа и изрази благодарност за севкупниот придонес на државата во рамките на учеството во мисиите на Алијансата. Гостинот искажал задоволство и во однос на позитивното придвижување на политичката состојба во државата по настаните кон крајот на претходната година.
Двајцата соговорници размениле мислење и за значењето на имплементирањето на Охридскиот рамковен договор и на процесот на донесување на Законот за медиуми.