Груевски: 30 милиони евра евтини пари на располагање на домашните фирми

 

Домашните компании имаат можност до крајот на годинава да искористат средства во износ од 30 милиони евра преку поволната кредитна линија од Македонска банка за поддршка на развојот со субвенционирана камата, којашто не е поголема од 5,5 отсто, најави премиерот Никола Груевски.

- МБПР има значајна кредитна линија што ја обезбеди Владата, која многу им помага на домашните компании. Досега Владата обезбеди 350 милиони евра главно од Европската инвестициска банка со кои се овозможи субвенционирана камата со голем рок на отплата од осум и повеќе години, рече премиерот Груевски нагласувајќи дека Владата ја субвенционира каматата, која не смее да биде повисока од 5,5 отсто.

Овие денови, додаде, се пушта новата транша од 6,8 милиони евра кои ќе отворат околу 100 нови работни места и ќе значат реализација на 61 проект.

- До крајот на годината треба да се инвестираат уште 30 милиони евра што претставуваат одлична шанса за домашните компании да ги искористат овие поволности со субвенционирана камата од државата. Често пати не критикуваат дека повеќе сме обрнувале внимание на странските компании, а помалку на домашните. Тоа не е точно и можеме аргументирано да покажеме дека повеќе им помагаме на домашните компании, потенцира Груевски.

Нагласи дека покрај субвенционираните кредити за домашните компании се предвидени и други мерки, а и сите мерки кои како бенефит се прават за странските компании се од корист и за домашните.

- Триста и педесет милиони евра се искористија од домашните компании, субвенционираните камати ги плати Буџетот на државата, а тие отворија досега околу 6.200 работни места, рече Груевски, нагласувајќи дека станува збор за директна помош за домашниот сектор преку МБПР.

Тој ги повика компаниите што имаат проекти и што имаат план побрзо да аплицираат преку комерцијалните банки за преостанатите 30 милиони евра од кредитната линија на МБПР за да се искористат парите до крајот на годинава бидејќи тоа е крајниот рок што го имаат дадено банките од надвор. 

 

 

 

Оцени ја веста

19.09.2015 - 19:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега