КХВ со јавна опомена до Централниот депозитар за хартии од вредност
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија (КХВ) му изрече јавна опомена на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заради кршење на правилата за работа.
- На седницата што се одржа на 5-ти овој месец КХВ изрече јавна опомена на Централниот депозитар АД Скопје, бидејќи спротивно на Правилата за работа на ЦДХВ операторот на сметки извршил промена на адресни податоци на лице-сопственик на хартии од вредност. Согласно Правилата за работа на ЦДХВ, операторот на сметки треба да постапува само по претходна и целосна проверка на документацијата, потребна да се утврди идентитетот на сопственикот на хартиите од вредност, се вели во соопштението од КХВ.
Од Комисијата информираат дека на ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДООЕЛ Софија му е дадена согласност да стекне квалификувано учество во ДУИФ Иново Статус АД Скопје, односно да се стекне со акции со право на глас чиј кумулативен износ надминува 50 проценти од вкупно издадените акции со право на глас на друштвото.
- Од денот на добивање на согласноста од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ќе почне да тече законскиот рок од 90 календарски дена во кои ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДООЕЛ Софија ќе треба да се стекне со акциите. Инаку, ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДООЕЛ Софија има намера да поседува 100 проценти од вкупно издадените акции на Иново Статус АД Скопје, односно 132.645 акции со право на глас, се наведува во соопштението од КХВ.